Македонската одбојкарска репрезентација подготвена заминува за Софија каде на 9 септември и официјално ќе го започне своето четврто учество на завршниците на Европските првенства.
На денешната прес-конференција одржана пред последните два дена тренинзи во Скопје, селекторот Јошко Миленкоски, капитенот Никола Ѓоргиев, искусниот Владо Милев и дебитантот Филип Јованов, заедно со раководството на Одбојкарската федерација на Македонија ги истакнаа своите очекувања од настапот на континетналниот собир во Бугарија.
Селекторот Миленкоски не крие кои се целите на репрезентацијата, но и самиот факт дека пред нас имаме исклучително тешка задача.
„Ова е манифестација најголема во нашиот спорт во моментов каде што ќе продефилират најдобрите светски одбојкари, а репрезентациите се од самиот светски врв. Само да потсетам дека Полска, Бугарија и Украина се моментално меѓу првите 10 рангирани репрезентации на светската листа. Португалија и Израел се добро познати противници против кои сме играле, особено против Израел, но и тие се исто така од самиот врв на европската одбојка. На сите им е јасно дека играме во најтешката група на ова Европско првенство, меѓутоа во рамките на овие подготвки добро се подготвивме за добро представување на Европско првенство. Меѓутоа, искрени да бидеме и ние самите сме свестни дека првите три натпревари против Бугарија, Украина и Полска ќе ни бидат, можеби, подготвителни натпревари за она што следи – најважните натпревари против Португалија и Израел. Секако дека и против првите три ривали ние нема да се откажеме, ќе ја играме нашата најдобра игра, и достојно ќе ја преставиме нашата земја“, вели селекторот Миленкоски.
Првиот човек на македонската одбојка, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, ја повика јавноста во што поголем број да дојде во Софија и да навива на натпреварите на македонските одбојкари.
„За нас четврто европско првенство, не е тоа наш успех и наш резултат, сепак е успех на целата држава и целата нација. Четвртипат македонската репрезентација настапува на Европско првенство, повторно сме во друштво на најдобрите, што е континутет кој трае веќе 8-10 години. Овој пат, групата во која се натпреваруваме е навистина силна, меѓутоа, и ние сме силни, затоа сме присутни на овоа Европско првенство. Дојдете да навиваме во Софија, дојдете во што поголем број, да покажеме колку сме на број“, вели Јовановски.










