Селекторот и капитенот едногласни: Едвај чекаме да отвориме пред полна сала

43
фото: vfmkd.org.mk

Македонската репрезентација против домаќинот Бугарија, на 9 септември во Арената „8888“ во Софија ќе ја има честта да го отвори Европското првенство 2026.

Бугарите како домаќини ќе ја имаат поддршката од 14 илјадна публика, а со статусот на актуелен светски вицешампион важат за апсолутни фаворити. Нашите одбојкари нема да влезат со „бело знаме“ на тој натпревар. Напротив, Македонија на ЕП 2019 во Љубљана го победи организаторот Словенија, па зошто сега да не приредиме ново изненадување!?

„Повеќе ме радува што на отворањето ќе играме пред полна сала против домаќинот Бугарија, отколку да отвораме против Полска или Израел и во сала со капацитет од 14 илјади публика на трибините да има само 50 луѓе. Секако дека таквиот амбиент и атмосфера е многу голема мотивација и за нас. Цел на Бугарите е преку ЕвроВолеј да стигнат до ЛОИ 2028 и тоа не го кријат. По освојувањето на среброто на СП 2025 им пораснаа апетитите. За нас ќе биде големо задоволство да отвориме против нив и ако пред седум години пред полно „Стожице“ ја победивме Словенија, зошто сега да не биде исто!?. Имаат силна репрезентација, физички се појаки од нас и делуваат импресивно кога ги гледаш на ТВ. Ние мора да играме мудро и искусно и со трпение. Не смееме да им дозволиме да не „бомбардираат“ со сервис и со блок, кое е нивно главно оружје, туку да најдеме решение и да им влеземе во системот. Само така може да се надеваме на нешто“ – вели капитенот Никола Ѓоргиев за она што Македонија ја очекува на стартот на ЕП во Софија на 9 септември.

Слично размислува и предводникот на Македонија, селекторот Јошко Миленкоски.

„Може да изразиме само задоволство што го отвораме ова првенство против домаќинот, кој е и актуелен светски вицешампион. Бугарија влегува со огромни амбиции за висок пласман и нов голем резултат. Да се игра пред полна сала, во земја каде одбојката е спорт број еден, и не се сомневам дека Бугарите ќе направат се отворањето да биде еден вистински спектакт. За нас како играчи, стручен штаб и репрезентација да играме во еден таков амбиент, како никогаш досега, е голема чест. На тој натпревар ќе се обидеме да дадеме максимум, што поголем број на играчи да добијат шанса за да ја почувствуваат атмосферата и да сфатат што значи еден голем натпревар на Европско првенство. Не очекува спектакуларно отворање на ЕП и среќа и задоволство е што ќе бидеме учесници на самиот тој настан“, заклучува стратегот.

Македонската репрезентација на ЕвроВолеј 2026 е дел од групата Б каде покрај Бугарија за противници ги има и актуелниот европски шампион Полска, Украина, Португалија и Израел. Натпреварите од групната фаза се играат од 9 до 16 септември во Софија.

ПретходноВМФЛ 4 коло: Охрид сигурен против Тетекс, Кожуф ја сопре Беласица
СледноРафиња ќе ја има капитенската лента во Барселона