Херојот од Палермо денеска полни 34 години

56

Легендарниот слободно може да се каже, македонски фудбалски интернационалец и до неодамна и репрезенативец, Александар Трајковски денеска полни 34. години. Еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата, гордо ја „гази“ четвртата деценија од животот, сега веќе како ветеран кој што реално го мина својот играчки и голгетерски зенит.

Популарниот Аце, момчето од Драчево, Македонија го слави по многу нешта, а најмногу секако по оној легендарен, неповторлив и единствен погодок за репрезентацијата на Македонија, во бараж полуфиналниот дуел за пласман на Мундијалот во Палермо против Италија, кога реализираше за 0:1, и ја подведе Македонија на чекор до Катар. И уште по многу погодоци. Како оние „ножички“ во дуелот со Саудиска Арабија. Ќе има што да раскажува момчето кое што тргна од скопска Цементарцница, за да потоа преку Интер Запрешиќ, белгиски Зулте и Мехелен, да стигне и до Мајорка и Палермо.

Недоречена репрезентативна приказна….

Сепак, колку и да Александар Трајковски направи за Македонија, сепак, останува онаа недоречена негова репрезентативна приказна. И начинот на кој што тој се прости од националниот тим. Одигра 98 мечеви постигна 24 гола за Македонија, но не стигна до „стотката“. Се „одјави“ без да го заокружи тој магичен број.

„Денес стојам пред вас со срце полно емоции…Од првиот ден кога го облеков дресот, знаев дека тоа не е само обврска – туку чест, гордост и одговорност која не може да се опише со зборови. Да ја претставуваш својата земја, својот народ, своето семејство… Тоа е нешто што се чувствува, не се објаснува. Секој повик во репрезентацијата за мене беше како прв. Истата возбуда, истата трема, истата желба да дадам сè од себе. Секој натпревар беше битка, секој гол – момент кој ќе го носам во срцето засекогаш. Но повеќе од сè, ќе ги паметам луѓетo,соиграчите кои станаа браќа, кои веруваа во мене и сите оние кои беа дел од ова патување.
Имаше и тешки моменти… Порази кои болеа, но и победи кои не учеа што значи вистинска радост. Во сите тие моменти, едно нешто никогаш не се промени – љубовта кон дресот и желбата да се даде максимумот за нашата земја. Сепак, во изминатиот период чувствувам дека мојот труд,и залагање не беа доволно вреднувани. Посебна благодарност до навивачите,вие бевте нашата сила кога беше најтешко, нашиот ветер во грб кога ни требаше најмногу.
Ова не е лесна одлука…Заминувањето боли, но истовремено носи и гордост. Гордост што имав чест да бидам дел од оваа репрезентација и да го носам овој дрес со срце. Репрезентацијата не е само тим – тоа е семејство..Ви благодарам на сите за довербата, подршката и љубовта низ сите овие години. Ви благодарам што ми дозволивте да го живеам мојот сон.
Со крената глава и полно срце… Се повлекувам..
Со почит…Александар Трајковски“ – напиша легендарниот македонски фудбалер во таа прилика.
Во моментов Трајковски е без ангажман по разделбата со хрватска Локомотива. Сепак, според неговиот квалитет, уверени сме дека наскоро ќе го видиме на уште една промоција со дрес во рацете и насмевка која што никогаш не недостасувала кога е во прашање Трајковски.
ПретходноЛиверпул го загуби спортскиот директор кој што замина во Саудиска Арабија
СледноЊукасл се спасуваше против Борнмут (ВИДЕО)