Уште на стартот од новата 2026/27 сезона во нашата ракометна Суперлига, дерби, и тоа какво – ГРК Охрид против Пелистер. Две од четирите наши ракометни клубови кои оваа лига ја прават убедливо најквалитетна на овие простори, па и пошироко. Алкалоид и Вардар стартуваа со победи, да видиме вечерва од 19 часот во салата “Билјанини Извори“ каков ќе биде иходот меѓу ГРК Охрид и Пелистер. А дека тоа ќе биде ракометно дерби за уживање, тука нема дилеми. Се среќаваат две екстра силни екипи со шампионски амбиции предводени од Борис Ројевиќ, кој го продолжи договорот со “Гладијаторите“, и од легендарниот Лино Червар, кој ќе го има своето деби како стратег на битолчани на домашна сцена.

Можеби Пелистер е во мала психолошка предност ако се знае дека пред неколку дена тимот на Охрид по голема драма беше поразен во Суперкупот од Вардар, но, ова е само претпоставка.
Јасно е дека салата “Билјанини Извори“ ќе биде преполна, сите сакаат да го видат дербито во живо, како и дуелот меѓу Ројевиќ и Червар.

И да сакавме не можевме да добиеме ваков меч уште во 1.коло во новата сезона.
Нешто порано, од 18.30 часот, исто така покрај Охридското езеро, се игра и мечот меѓу Струга и Тиквеш. И ова ќе биде супер интересен меч.
Па така, денеска ракометот ќе ја “окупира“ спортска Македонија.










