Македонија биди горда на спортистите – победуваат и обединуваат!

330
ФОТО:.facebook.com/komitiskopje1987

Среќен нека ни е роденденот, државата слави 35 години постоење, Македонија го празнува 8 септември.

Во минатото на почетокот на септември, многу наши национални селекции ги бранеа „црвено-жолтите“ државни бои, нашиот народ со спортистите ги славеше успесите и бараше утеха во поразите. Но, во овие славенички денови кога се враќаат спомените, кога се бараат успесите и кога се величат најдобрите – доминираат спортистите.

Во сите овие спотови околу прославата на јубилејниот 35. роденден на нашата Македонија во преден план се успесите на нашите ракометари, фудбалери, кошаркари… Моменти кои се дел од историјата и моменти кои никогаш нема да бидат заборавени. Моменти кои не прават горди и успеси кои се постигнати со многу труд, многу работа но и многу откажувања.

И сето тоа е во поголемиот дел заслуга на индивидуалци, моменти а не стратегии и инвестирања од страна на државата во спортот кои се и секогаш биле на многу ниско ниво.

Почнуваме… со првиот гол на Зоран Бошковски, па голот од корнер на Шаќири во Англија…успесите на Кометал и првата европска клубска титула во Македонија – па следеа неверојатната ера на ракометарите на Вардар и двете големи титули кога „црвено-црните“ се искачија на врвот на Европа.

Но, најголемиот – најценетиот момент го направија кошаркарите и тоа во 2011 година и за 20. роденден на Македонија кога светот го виде тоа чудо во Каунас по кое останавме без медал, но добивме златна генерација засекогаш. Она што треба да се напомене и да се знае е дека сите тие спортски успеси, победи кои се дел од нашата историја го обединија народот во нашата земја. Кога се славеше, а знаеме добро да славиме – на улиците беа сите, на плоштадите немаше место за таа толпа на луѓе кои се радуваа на спортските победи и титули. Сетете се на победата над Литванија во Каунас, на круната на Кометал и двата спектакли во Скопје и дочекот на ракометарите на Вардар. Сите оние ракометни Европски и Светски шампионати на кои без разлика на резултатите доминираат нашите навивачи и нашата „фаланга“ која исто така беше во центарот на вниманието и кога фудбалерите со гордост настапија на ЕП 2020.

Тоа е моќта на спортот, моќ која за жал политичарите никогаш нема да ја разберат, политичарите кои доколку беа 10% од тоа што го направија спортистите за Македонија оваа држава, ќе беше далеку понапред и поуспешна. Политичари кои и ден денешен сакаат да глумат спортисти а притоа не го разбораат спортот и неговата магија, моќ и сила за обединување. И не само фудбалот, ракометот и кошарката како водечки спортови. Тука се и одбојкарите кое еве утре почнуваат нов настап на ЕП, тука се и ватерполистите кои имаа ЕП во минатото и сите индивидуални спортисти во овие минати години од осамостојувањето како Шабан Трстена, Могамед Ибрагимов, Дејан Георгиевски… кои беа носители на Олимписките медали. Ги имаме и последните успеси на Алкалоид и Охрид кои ја продолжуваат жетвата на ракометните успеси како победници на Европскиот Куп во последните две години, но и Вардар во фудбал кој играше групна фаза од Лигата на Европа и Шкендија како учесник во Конференциската лига.

А добро почнавме и има со што да се гордееме… На почетоците со Дарко Панчев, Петар Наумоски, Пепи Манасков… па дојдоа нивните наследници Горан Пандев, Перо Антиќ, Кире Лазаров… И сите наши млади спортисти треба гледаат пример во овие великани затоа што на оваа држава и требаат нови спортски херои. Овој народ можеби минува, минал и ќе мине низ тешки политички, воедни и економски кризи, но секогаш ќе си ги сака и ќе навива за своите спортисти и национални тимови.

Ова е наше, наша Македонија…! Нека ни е среќен 8 септември!

ПретходноХрватскиот гигант гостува во село од 500 жители кое има стадион вреден 7 милиони евра!(ФОТО)
СледноЉафтов: Бугарија е наш најтежок противник