Македонските одбојкари денеска ги одработуваат финалните тренинзи пред утрешниот старт на Европското првенство во Софија, Бугарија. Еден од поискусните наши одбојкари, техничарот Ѓорѓи Ѓоргиев, пред дуелот со домаќинот на првенството вели дека следуваат тешки натпревари на едно прекрасно натпреварување.
„Не очекува едно прекрасно големо натпреварување, не очекуваат едни прекрасни натпревари. Утре го отвораме Европското првенство против репрезентацијата домаќинот на овој турнир, Бугарија. Сум играл овде 6-7 години, познати ми се бугарските репрезентативци, иако дел од нив се многу млади сега, но можам да кажам дека оваа генерација е една од можеби најдобрите во нивната историја. Го покажаа тоа со второто место на минатото Светско првенство, но тоа е еден потик за нас, за да видиме кај сме со овие најдобри светски репрезентации. Ќе се бориме за секој поен, мотивирано ќе влеземе во натпреварот и ќе го дадеме нашиот максимум. Ако биде нашата игра доволна за еден сет, добро, ако биде за два, добро, ако биде за три, зошто и да не победиме. Реални сме, играме против една многу добра репрезентација, но ги имаме и нашите шанси. Мислам дека ако успееме да го скротиме нивниот сервис, дека ќе парираме“, вели Ѓоргиев.










