Тргнува новата сезона во ЛШ: Барса е прв фаворит, Вардар се враќа на големата сцена

72

Новата сезона во машката ракометна Лига на шампиони стартува денеска, а европскиот клупски ракомет влегува во нова ера. Наместо досегашните 16, во елитното натпреварување ќе настапуваат 24 екипи, распоредени во шест групи со по четири тима.

Во групната фаза секој тим ќе одигра шест натпревари, а само првите две екипи од секоја група ќе продолжат во главната рунда. Третопласираните и четвртопласираните ќе продолжат во Европската лига.

Во главната рунда ќе останат 12 екипи, поделени во две групи со по шест, а бодовите освоени против директните конкуренти ќе се пренесуваат во следната фаза. Потоа следуваат четвртфиналињата и традиционалниот Ф4 во Келн, закажан за 12 и 13 јуни 2027 година.

Барса е прв фаворит

Иако букмејкерите во пресрет на сезоната сега малку повеќе му веруваат на Магдебург, сепак, Барселона е на првото место на листата на фаворити. Каталонскиот гигант ја брани титулата и ќе атакува на својот 13. трофеј во елитното натпреварување. Барселона летово остана без голманот Емил Нилсен и без Доминик Макуц, но во клубот веруваат дека има доволно квалитет и длабочина за повторно да биде во самиот врв. Зад Барселона на листата се Магдебург, Веспрем, Алборг, Спортинг и Берлин. Од останатите фаворити се издвојуваат Висла Плоцк, Монпелје, Нант, Келце и ПСЖ.

Вардар се враќа во елитата

Македонскиот шампион Вардар ќе има сериозно тешка задача. „Црвено-црните“ се во групата Б, заедно со Нант, Мелсунген и Висла Плоцк. Според анализите, Висла е фаворит за едно од првите две места, додека за втората позиција се очекува голема борба меѓу Нант, Мелсунген и Вардар. Токму новиот формат го прави секој бод исклучително важен, бидејќи само првите две места водат во главната рунда. За Вардар ова ќе биде можност повторно да се надигрува со европската елита, но и сериозен тест за тимот во системот во кој нема многу простор за грешки.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – 1 КОЛО

ДЕНЕСКА: 

18:45 – Алборг – ПСЖ

18:45 – Келце – Криенс-Луцерн

18:45 – Загреб – Целје

18:45 – Веспрем – Порто

18:45 – Партизан – Фуксе Берлин

20:45 – Барселона – САХ Архус

20:45 – Нант – Висла Плоцк

ПретходноМурињо во одбрана на Вини: Тој не е во најдобра форма, но дава се од себе и заслужува почит
СледноКуп -1/16 финале: Детонит на мегдан со Шкендија (А), Брегалница во Штип против Тетекс