Евроволеј 26: Македонија отвори со пораз против домаќинот на првенството

120
фото: CEV.eu

Македонската одбојкарска репрезентација со пораз го започна настапот на Европското првенство во Софија. Во премиерниот дуел на шампионатот против домаќинот Бугарија, избраниците на селекторот Миленкоски беа поразени во три сета, во кои сепак, покажаа дека на преостанатите дуели на првенството ќе ја бараме нашата шанса и за многу подобар резултат.

Гледајќи ги првите два сета кои се движеа практично во егал до третата третина од истите, Македонија можеби со малку подобра концентрација во завршницата на секој од сетовите ќе можеше да биде и многу поблиску до резултатот на противникот. Во првиот сет Бугарија тргна со предност од 8:4, но до средината на вториот дел од сетот успеавме да се приближиме на 16:14, а потоа да влеземе и во егал до 17 освоен поен, по што следуваше деконцентрација во нашиот состав кој Бугарија брзо го претвори во своја полза за 25:17 и предност од 1:0.

Во вториот сет бевме комплетно во игра скоро цел сет. До 18:18 успевавме да најдеме начин да ја искористиме секоја грешка на противникот и со релативно добар прием да обезбедиме шанса и за многу понеизвесна завршница. Сепак, силниот сервис на Александар и Симеон Николов во многу нешта го свртеа текот во завршницата на сетот и Бугарија со 25:19 дојде до 2:0.

фото: CEV.eu

Третиот сет практично почна со многу сервис грешки на протвникот, што услови многу помалку директни поени на нашата репрезентација. До средината на сетот Бугарија имаше предност од неколку поени (16:13), но потоа се чини не успеавме да ја задржиме свежина и Бугарија дојде до очекуваната победа со 25:18.

За нашите одбојкари овој меч е еден од оние три екстремно тешки против дел од најдобрите светски селекции. Така ќе биде и за два дена против Украина, но Миленкоски и неговите момци сигурно ќе се обидат веќе на вториот меч да покажеме уште подобра партија и да се обидеме да дојдеме и до првиот освоен сет, ако не и повеќе.

Никола Ѓоргиев со 8 поени беше најефикасен во нашиот тим, Љафтов и Савовски имаа по 5 реализации. Кај Бугарија доминираа Александар Николов со 19 и Бардаров со 15 реализирани поени.

ПретходноРодри им се извини на играчите на Валенсија
СледноМакедонската химна среде Софија…без свирежи и скандирања!(ВИДЕО)