По успешниот настап на Медитеранските игри во Таранто, Италија, македонската експедиција се врати дома, денеска и свечено беше примена во Македонскиот Олимписки Комитет, од страна на претседателот Даниел Димевски.
Македонија од оваа манифестација се враќа со шест освоение медали, поточно, едно златно, две сребрени и три бронзени одличја.
Со овој учинок, Македонија го повтори бројот на медали од Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година, кога македонските спортисти освоија две злата, едно сребро и три бронзи.
Претседателот на МОК, Димевски го оцени настапот на македонската делегација како исклучително успешен, посочувајќи дека шесте медали се потврда за квалитетот на македонските спортисти и за нивната посветена работа.
„Шест медали од Медитеранските игри се резултат со кој треба да бидеме горди. Овие одличја се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите, а се радост за целата македонска јавност. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови на овие медитерански игри, а спортистите ни вратија со медалите кои што ги донесовме. Нивниот настап претставува потврда дека Македонија има спортисти кои можат да се борат за највисок пласман на големи меѓународни натпревари“, истакна Димевски.










