Матлиески: „Мулти Есенс е вистинското место за развој на младите“

38

Новата, 35 сезона во машката ракометна Суперлига отвора сосема нови поглавја и веќе почна во испишување на новите приказни во кои своја улога ќе има и цела една генерација на млади играчи кои прв пат ќе се сретнат со суперлигашките предизвици.
Еден таков, нов предизвик доаѓа во интересен момент за РК Мулти Есенс, кој во сезоната 2026/27 повторно ќе се натпреварува во Суперлигата. Целта не е само резултатот, туку и подобрување на средината во која младите ракометари добиваат вистинска можност за напредок и постепено преземање на одговорноста на теренот.
Новитети имаат на клупата. Никола Матлиески ја продолжува работата на клупската сцена со нов предизвик. Искусниот македонски стратег е нов тренер на РК Мулти Есенс, а неговиот стручен тим го комплетираат Никола Маркоски кој играчката ја смени со тренерската кариера и Златко Даскалоски кој веќе има зад себе тренерско искуство, но сега прв пат ќе биде фокусиран исклучиво на тренерскиот повик.

Матлиески зад себе има долгогодишно тренерско искуство во македонскиот ракомет, работа со млади категории, клубови и национални селекции и повеќепати покажал дека особено внимание посветува на развојот на играчите. Тоа го прави овој спој идеална комбинација од која резултатите на сите полиња треба брзо да станат видливи.

За предизвикот во Мулти Есенс, амбициите во новата сезона, работата со младите ракометари, неговата тренерска филозофија и очекувањата од тимот, разговаравме со Никола Матлиески.

Господине Матлиески, какво е вашето мислење за проектот на РК Мулти Есенс и што ве убеди да го прифатите овој специфичен предизвик?

– РК Мулти Есенс е развоен тим составен од талентирани македонски ракометари кои во најголем дел минале и низ младинскиот систем или се неизоставен дел од младинските репрезентации. РК Мулти Есенс го претставува мостот преку кои ракометарите ќе преминуваат една во друга категорија, заклучно со најважниот, преминот од младински во сениорски ракометари.
Сите овие фази се многу чувствителни, затоа што најчесто во овие премини ги губиме играчите.
РК Мулти Есенс ќе биде место каде што тие ќе се чувствуваат сигурно, ќе растат и ќе се подготвуваат за големите предизвици, преземање на одговорноста и потоа како финални производи ќе ја продолжат кариерата. Ќе работиме и ќе помагаме на сите полиња, затоа што целта не е само да произведеме играч, туку комплетна личност “.

Конкуренцијата во Суперлигата е засилена, екипите се со израмнет квалитет и секој натпревар ќе биде со голем влог. Какви се амбициите на РК Мулти Есенс?

– Клубот има стратегија која можеме да ја поделиме на два дела. Краткорчните цели се резултатските и наметнување на победнички менталитет на играчите. Без разлика на противникот, целта секогаш мора да биде највисоката. За тоа да се реализира ќе треба на секоја средба, во сите 60 минути пристапот, одговорноста и бореноста да бидат на максималното ниво.
Конкуренцијата е силна, овие играчи прв пат ќе се сретнат со повозрасни ракометари и екипи со странски засилувања, па опстанокот во Суперлигата е исто така во резултатската цел.
Но, токму играњето против такви екипи е тоа што ќе нѐ радува. Нашата филозофија ќе биде да не ги гледаме како проблем, туку како можност за напредок и надигрување. Не може да се стане добар играч, ако се игра против послаби екипи со резултати што се дваесетина гола разлика. Развојниот пат е долг и тежок и сите мора да го поминат. Добар играч се станува кога е тешко, кога против себе ќе се има силен противник, кога треба да се преземе одговорност, да се издржи целиот напор и притисок од тој дуел и да се извадат поуки.
Потоа со нетрпение да се чека следниот таков меч.
Долорочната стратегија е и поголемата слика. Таа подразбира со правилна работа, посветување на внимание и давање на вистинска шанса на младите играчи што ги имаме во клубот да моделираме ракометари што ќе бидат физички, технички и тактички способни и подготвени да конкурираат за место во РК Алкалоид и во националните селекции.

– РК Алкалоид и РК Мулти Есенс се предводниците на македонскиот ракомет кога станува збор за преферирање на игра со брза транзиција и следење на модерните трендови, но со македонски погон.

“Не само што нема да отстапиме од стилот на брзата игра, туку ќе настојувам да го подобриме и да внесам и мои идеи. Првенствено сакам да ги подобрам индивидуалните карактеристики на ракометарите. Брзо размислување и брзо дејствување. Да ги развијам нивните способности да се снаоѓаат во различни ситуации, брзо да носат решенија и да размислуваат и на повеќе решенија во дадена ситуација. Ние за секој противник се подготвуваме во еден мини циклус на тренинзи, анализираме, бараме солуции. Тоа и за мене лично ќе биде предизвик и можност да надградба затоа што сакам да истражувам, да следам трендови што ги поставуваат врвните екипи и да експериментирам. Ракометарите се желни за игра, сакаат да напреднат, да научат. Зад нас е сериозна компанија која ни овозможува одлични услови за работа и можам да повлечам дека сум среќен што сум дел од овој проект.

– Целиот стручен тим на РК Мулти Есенс е нов и за нив ќе биде новитет работата на вакво ниво, какви се вашите први импресии од соработката?

„Одлично соработуваме со Никола Маркоски и Златко Даскалоски. Двајцата имаа акумулирано големо ракометно искуство, биле дел од големата сцена и знаат како функционира играта. Млади тренери се и желни да го пренесат знаењето и да ги корегираат младите ракометари. Задоволство ми е што соработувам со нив, тие се голема помош и придонес и сметам дека заедно можеме да направиме многу добри работи за тимот и за македонскиот ракомет.

ПретходноДе ла Фуенте: Трамп ми рече дека ја заслужувам “Златната топка“, ама не го разбрав целосно
СледноЕве зошто само шест клубови имаат ексклузивен статус во Лигата на Шампионите!