Светската одбојкарска федерација (FIVB) подготвува голема промена во календарот на натпреварувањата на репрезентациите, која би можела значително да го промени досегашниот ритам на сезоната. Според предлогот, репрезентативниот период повеќе нема да биде ограничен само на летните месеци, туку ќе го опфаќа и зимскиот период.
Најконтроверзниот дел од реформата е можноста големите репрезентативни натпреварувања да се одржуваат кон крајот на ноември и во декември, односно во период кога вообичаено се играат клупските сезони.
Таквата идеја веќе наиде на сериозен отпор, особено во Италија. Клубовите стравуваат дека прекинот на првенствата би создал дополнителни проблеми, а згуснатиот календар би можел да го зголеми и ризикот од повреди кај одбојкарите.
Претседателот на Полската одбојкарска федерација, Себастијан Швидерски, потврди дека разговорите за промените веќе се започнати и дека во процесот мора да бидат вклучени и клубовите. Резерви изрази и селекторот на Полска, Никола Грбиќ, кој се сомнева дека предложениот модел навистина би обезбедил поголема заштита и одмор за играчите.
Доколку реформата биде усвоена, новиот календар би започнал да се применува по Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година. Тоа би значело дека и Европското првенство во 2028 година би можело да биде одиграно според новиот распоред.










