Благодарение на Чеферин: ФФМ неочекувано ќе добие 10 милиони долари?!

305

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, и првиот човек на КОНКАКАФ, Виктор Монтаљани, испратиле заедничко писмо до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во кое има барање кое се мери во милијарди долари.
Како што првпат објави германскиот БИЛД, двајцата високи функционери бараат ФИФА да им исплати на сите 211 национални асоцијации најмалкупо десет милиони долари дополнителни средства.
Вкупно, ФИФА би распределила приближно 2,1 милијарди долари. Доколку предлогот биде прифатен под еднакви услови за сите членови, Фудбалската федерација на Македонија би била меѓу асоцијациите што би ги добиле овие пари.
Според предлогот, средствата би биле првенствено наменети за инфраструктура и развој на фудбалот.
Чеферин и Монтаљани веруваат дека ФИФА може да си дозволи толку огромна исплата по Светското првенство во 2026 година.
Според нивните проценки, светската куќа на фудбалот ќе го заврши циклусот со финансиски резерви од приближно шест милијарди долари.
Затоа го замолија Инфантино пред следната седница на Советот на ФИФА, која е закажана за 15 октомври, да се направи целосна и независна анализа на финансиската состојба на организацијата.
Целта на таквата анализа би била да се утврди колку од резервите на ФИФА може одговорно да ги распредели на националните асоцијации без да ја загрози сопствената финансиска стабилност.
Особено е интересно што сето тоа се случува во услови на огромен спор околу начинот на кој Инфантино ги управува финансиите на ФИФА.
Чеферин и неговите сојузници отворено се спротивставија на претходниот проект што вклучуваше приватен капитал да влезе во комерцијалните права на натпреварите на ФИФА.
Во заедничкото писмо, тие сега практично велат дека таков потег дури и не е потребен бидејќи ФИФА веќе има огромна сума пари на располагање.

„ФИФА веќе има можност да им стави на располагање значително повеќе средства на своите членови од сопствени извори“, е една од клучните пораки од писмото, со тврдење дека не е потребно да се продаваат акции во натпреварите.
Доколку предлогот ја добие потребната поддршка и биде прифатен од ФИФА, тоа би претставувало огромна еднократна финансиска инјекција за развој на фудбалот низ целиот свет.
И во тој случај, ФФМ би имал можност да добие износ што не се појавува често во фудбалот.

ПретходноОфицијално: Американецот Бурис е ново име во КК Кожув!(ФОТО)
СледноМиленкоски: „Настапот на Македонија на ЕП е објективно постигнување“