Три златни и три сребрени медали за сениорскиот тим на Макпетрол на силниот меѓународен карате турнир.
Сениорскиот тим на Карате клубот Макпетрол – Скопје продолжува со успешните настапи на меѓународната карате сцена. Викендов македонските каратисти остварија одличен резултат на силниот меѓународен турнир „Куп на Шампиони“, кој се одржа во Подгорица, Црна Гора на кој учествуваа 700 каратисти од 6 држави.Каратистите на Макпетрол освоија вкупно шест медали – три златни и три сребрени, потврдувајќи ја високата форма и квалитетот на сениорскиот тим.
Освојувачи на медали
🥇 Јована Мицовска – златен медал, -61 кг
🥇 Вукашин Јовановиќ – златен медал, -67 кг
🥇 Стефан Стојановиќ – златен медал, +84 кг
🥈 Данили Божовиќ – сребрен медал, -84 кг
🥈 Викторија Јовановска – сребрен медал, -68 кг
🥈 Греса Мустафиу – сребрен медал, +68 кг, Арена , Струга
Настапот во Подгорица претставуваше прв сериозен контролен турнир за сениорскиот состав на Макпетрол по неодамнешното Европско универзитетско првенство во Тирана. Турнирот беше искористен за проверка на моменталната форма, борбената подготвеност и реализацијата на техничко-тактичките задачи.
Тренерот на Макпетрол, Петар Заборски, е задоволен од прикажаното и од резултатот на своите каратисти.
„Задоволен сум од постигнатото. Освоивме шест медали – три златни и три сребрени, на еден многу силен регионален карате турнир. За нас ова беше прва голема контрола по Европското универзитетско првенство во Тирана и можност да видиме до каде сме со формата на сениорите. Има уште простор за напредок, но генерално сум задоволен од настапот и од прикажаното од нашите каратисти.“
Следниот период за сениорскиот тим на Макпетрол ќе биде насочен кон финалното темпирање на формата за Светската карате лига, која треба да се одржи во Салцбург, Австрија.
„Купот на Шампиони“ во Подгорица беше важна проверка во рамките на подготовките, а настапот со шест освоени медали претставува позитивна потврда за досегашната работа и добра основа за продолжување на подготовките за настапите на највисоко меѓународно ниво.










