Новиот селектор на македонската женска ракометна репрезентација, Игор Марковиќ со победа против Србија дебитираше на клупата на нашиот национален тим. Македонија славеше со 29-21 и целосно ја оправда улогата на фаворит.
Предводникот на „црвено-жолтите“ и покрај победата е свесен дека ги чека многу работа. Задоволен е од резултатот, но потенцира дека ќе мора секој собир да се искористи максимално.
„Голема благодарност до селекцијата на Србија за фер и борбената игра, уште поголема благодарност до сите оние навивачи кои дојдоа денеска да ни дадат поддршка, да стигнеме до победата што толку ја посакувавме. Што се однесува до самиот натпревар, можам да бидам задоволен од играта и од резултатот. Не се залажуваме, знам дека пред нас е многу работа, ќе го имаме и месец октомври, да се собереме и напорно да работиме бидејќи тоа е единствениот начин да продолжиме да напредуваме“, изјави Игор Марковиќ.
Марковиќ е задоволен од борбеноста, нешто што најави дека сака да го внесе во тимот. Што се однесува до нападот вели дека не може со пет тренинзи да очекува веднаш да се видат промените во нападот, времето ќе покаже дали ќе можеме да игра според негов „вкус“ или ќе мора да менува.
„Можам да кажам дека сум задоволен од борбеноста на екипата, задоволен сум и од енергијата на девојките на теренот. Што се однесува до самата одбрана се беше ок, знам дека имаме многу простор за напредок. Што се однесува до нападот, јасно ми е дека не може веднаш да се примени се што работиме во првите четири пет тренинзи заедно. Дури кога ќе мине некое време ќе знам дали ракометарките го прифатиле она што го барам на начин на кој што го сакам тоа или ќе треба нешто да менуваме“.
Македонија утре игра против Црна Гора, мечот стартува во 17:30 часот.










