Рустемовски: За ова се борев, освојувањето сениорски медал од европско беше мој голем сон

33

Ален Рустемовски го заврши настапот на Европското првенство во бокс со бронзен медал, но за македонскиот репрезентативец ова одличје има многу поголема вредност од самиот пласман на пиедесталот. Рустемовски до медалот стигна по три победи во исклучително тешки мечеви, совладувајќи и двајца боксери кои важеа за фаворити.

Во полуфиналето македонскиот боксер загуби со 4:1 од претставникот на Украина, со што мораше да се задоволи со бронзеното одличје. Сепак, тој истакнува дека медалот е резултат на долгогодишна работа, бројни жртви и многу препреки.

„Целиот мој живот се борев за овој момент. Освојувањето сениорски европски медал беше еден од моите најголеми соништа“, порача Рустемовски, кој посебно го истакна значењето на успехот за Македонија.

„Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав двапати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случувало и на турнири и натпревари да одам сам. И покрај ограничената финансиска поддршка и сите препреки кои ги имав, никогаш не се откажав. Желбата за успех ми беше преголема. Знаев дека еден ден ќе успеам. И денес можам да кажам дека ова е само почеток. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписка медал и еден ден да освојам сè што може да се освои. Посебно сум горд што по 20 години успеав да донесам европски медал во бокс за Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите кои веруваа во мене, ме поддржуваа и беа дел од мојот пат. Фала ви на сите за преубавите честитки, пораки и поддршка. Ви благодарам што бевте со мене во секој момент“, напиша Ален на социјалните мрежи.

По две децении, македонскиот бокс повторно има европски медал во сениорска конкуренција.

Претходно„Војната“ се засилува: Ирците и Израелците нема да се ракуваат и нема да менуваат дресови
СледноСара Ристовска за време на химната ја совладаа емоции: Знам низ каков период поминав и колку ја сакам Македонија!