МКК Куманово во улога на предизвикувач ќе се обиде да го изненади актуелниот македонски шампион и да стигне до трофејот во натпревар кој, покрај спортскиот карактер, ќе биде дел и од големото одбележување на јубилејот на Куманово.
Репрезентативното крило на кумановските „сино-бели“, Стојан Ѓуроски, очекува тежок натпревар против добро познат противник, но верува дека со максимален ангажман неговиот тим има што да покаже.
„Не очекува исклучително тежок натпревар, против квалитетен противник кој добро го познаваме. Годинава има промени во ростерот, но знаеме дека станува збор за сериозна екипа која ќе настапува на три фронта.
На нас е да го дадеме максимумот. Доколку го дадеме, мислам дека имаме шанси да стигнеме до посакуваната победа“, вели Ѓуроски.
Еден од адутите во играта на МКК Куманово очекува Суперкупот да прерасне во вистински празник за македонската кошарка, со голема поддршка од трибините.
„Мислам дека е битно во сабота да биде еден голем празник на македонската кошарка. Суперкупот се одигрува во Куманово, а Куманово слави голем јубилеј. Мислам дека ќе биде одлична пригода заедно да прославиме.
Очекувам голема поддршка од „Кумани“, очекувам голема поддршка од целиот град. Се надевам дека салата ќе биде исполнета до последното место и дека на крајот од денот ние ќе дојдеме до посакуваната цел – победата“, порача Ѓуроски.










