Сара Ристовска за време на химната ја совладаа емоции: Знам низ каков период поминав и колку ја сакам Македонија!

201

Сара Ристовска после десет месеци се врати на терените. После тешката повреда капитенот на македонската женска репрезентација повторно го облече „црвено-жолтиот“ дрес и со осум гола ја водеше Македонија до победа против Србија на првиот меч од „Трофеј Македонија“.

За време на интонирањето на македонската химна Сара ја надвасаа емоции…покажа што точно значи за неа Македонија.

„Да, точно е. Ме совладаа емоции бидејќи само јас знам низ каков период поминав, навистина имав еднаш тешка повреда. После десет месеци повторно сум на терените, репрезентацијата и овој момент премногу ми значат, повеќе од 15 години го давам срцето за Македонија. Речиси една година ги бодрев девојките од страна, па затоа кога ја слушнав химната ми се насолзија очите, тоа се искрени емоции, знам колку ја сакам својата репрезентација и колку давам за својата земја“, изјави по натпреварот капитенот Сара Ристовска која беше прогласена и за играч на мечот.

Што се однесува до мечот против Србија вели дека ја исполниле целта. Иако противникот дојде со подмладен состав, таа постети дека и Македонија има млади ракометарки, кои веќе имаат искуство во сениорскиот тим.

„Србија беше со помлад состав, ние тоа го знаевме. Но, да не заборавиме дека и нашата репрезентација е млада, но повеќето од девојките со години се во сениорскиот тим, имаат место и искуство, рековме ќе играме 60 минути до крај, да го отвориме турнирот победнички, влеговме без потценување. Знаеме дека утре против Црна Гора, а потоа против Хрватска ќе бидат потешки натпревари за нас. Но имаме време, ќе одмориме. Честитки до сите и голема благодарност до сите што дојдоа да не поддржат“.

Според нашата најдобра ракометарка Македонија има млади и квалитетни репрезентативки кои треба само да работат на својот потенцијал за да ги наследат поискусните.

„Имаме навистина квалитетни девојки кои треба да вложуваат во себе, ете некоја помлада генерација да не испраќа нас постарите“.

ПретходноРустемовски: За ова се борев, освојувањето сениорски медал од европско беше мој голем сон
СледноНовиот селектор на Македонија со прва анализа: Не се залажуваме, знам дека пред нас е многу работа!