Крива Паланка и Баскет Кам за трофејот во женскиот Суперкуп

25

Нова сезона, нова борба за трофеј. Женскиот Суперкуп на Македонија „Драган Василов – Цевка“ по шести пат ќе го добие својот победник, а за престижниот пехар ќе се борат двете најдобри екипи од минатата сезона – шампионот Крива Паланка и освојувачот на Купот на Македонија, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица.

Големата пресметка е закажана за 3 октомври, со почеток во 18:00 часот, во салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка, каде домашниот состав пред својата публика ќе се обиде да стигне до својот прв трофеј во Суперкупот.

Од другата страна, Баскет Кам 2011 во натпреварот влегува како актуелен освојувач на Суперкупот и со јасна цел да ја продолжи серијата која трае од 2022 година. Екипата од Македонска Каменица ги освои последните четири изданија на ова натпреварување, а минатата година во финалната пресметка беше подобра од Вардар.

За Крива Паланка, ова ќе биде можност успешната мината сезона да биде заокружена со уште еден голем трофеј, но и шанса новата натпреварувачка сезона да започне на најдобар можен начин.

Суперкупот носи директна пресметка на шампионот и освојувачот на Купот – дуел во кој нема да недостигаат мотив, борбеност и желба за трофејот кој традиционално го означува почетокот на новата натпреварувачка сезона.

Пред првиот официјален натпревар во сезоната, шефот на стручниот штаб на шампионот, Крива Паланка, Виктор Петровски, ги сподели очекувањата пред дуелот со Баскет Кам 2011.

ПЕТРОВСКИ: „Сакаме да започнеме со трофеј“

„Секогаш првиот натпревар носи одредена посебна енергија, особено кога станува збор за натпревар за трофеј. За нас ова е можност да покажеме до каде сме стигнале со подготовките и да ја пренесеме работата од тренинзите на терен. Свесни сме дека сезоната е долга, но сакаме да започнеме со трофеј за уште посилен мотив пред стартот на првенството“.

Петровски очекува квалитетен и неизвесен натпревар, во кој деталите можат да го одредат победникот.

„Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар во кој деталите ќе имаат големо значење. Баскет Кам е екипа со големо искуство, со играчи кои повеќе години се заедно, но ние сакаме да го наметнеме нашиот ритам. Подготвени сме за предизвикот и верувам дека ќе ги покажеме карактерот, енергијата и тимскиот дух што ги имаме и ќе го потврдиме шампионскиот менталитет“.

Крива Паланка во новата сезона влегува со изменет и значително подмладен ростер, но тренерот Петровски има доверба во своите кошаркарки.

„Имаме одредени промени во ростерот, тимот е значително подмладен и нормално е дека ни треба време за целосно да се воиграме. Но, она што многу ми се допаѓа е карактерот на мојата екипа и начинот на кој девојките работат, како едно. Многу им верувам на моите играчи и верувам дека со секој одигран натпревар ќе изгледаме сè подобро и подобро“.

ЦВЕТАНОВСКИ: „Ќе дадеме максимум од првата до последната минута“

Со драстично променет состав, во сабота навечер на паркетот во Крива Паланка ќе истрча и Баскет Кам 2011. Екипата од Македонска Каменица од клупата ќе ја предводи Јордан Цветановски, кој очекува тежок натпревар против актуелниот шампион.

„Не очекува тежок натпревар против Крива Паланка, која е квалитетна екипа и актуелен шампион. Ние, иако не сме комплетни, веруваме во нашите квалитети. Ќе дадеме максимум од првата до последната минута и се надевам дека ќе успееме да го освоиме Суперкупот“.

КРИВА ПАЛАНКА – БАСКЕТ КАМ 2011

3 октомври 2026 | 18:00 часот
Сала „Бранители 2001“ – Крива Паланка

Досегашни победници на женскиот Суперкуп

2021: Бадел 1862 – Скопје
2022: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2023: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2024: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2025: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2026: ???

ПретходноГи добиваат гратис, па ги „продаваат“ картите за лица со посебни потреби!
СледноВардар ја брани тврдината, ГРК Охрид нема победа во Скопје!