Новак Ѓоковиќ по пласманот во четвртфиналето на АТП 500 турнирот во Пекинг зборуваше за здравствените проблеми поради кои побара медицински тајм-аут на четири последователни натпревари.
Србинот призна дека оваа сезона му е исклучително тешка од физички аспект, но нагласи дека причината не е недостигот на издржливост.
„Не сакам да навлегувам во детали, бидејќи тогаш ќе изгледа како да се жалам или барам оправдувања. Вистината е дека оваа година ми е многу тешка поради неколку проблеми со кои се соочувам“, изјави Ѓоковиќ.
Тој додаде дека со својот тим се обидува да ги открие причините за проблемите и да најде начин да ја одржи потребната физичка состојба за натпреварување.
„Не е до издржливоста. Луѓето ги мешаат тие работи. Проблемот е во нешто друго – во здравствената состојба“, порача српскиот тенисер.
Ѓоковиќ истакна дека во дуелот со Бу Јунчаокете конечно почувствувал подобрување во третиот сет, откако претходно мораше да побара медицинска помош поради непријатност во пределот на бутот.










