50. Меморијал „Чајка“ – синоним на посветеност и љубов кон одбојката

12

Јубилејното 50. издание на еден од најстарите и најконстантните турнири во календарот на Одбојкарската федерација на Македонија, меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, утре, 7 октомври, ќе се одржи во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, во организација на семејството на одбојкарската легенда, Хаџииљоски, како и Одбојкарската федерација на Македонија.

Турнирот од оваа година добива и ново значење Супер куп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.

Јубилејното издание беше најавено со прес-конференција во просториите на Министерството за спорт, кој е традиционално најголем поддржувач на меморијалот. На средбата со медиумите присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и потпретседателот на ОФМ и син на одбојкарската легенда, Ивица Хаџииљоски.

„На мое огромно задовлстово дојдовме до 50. јубилејно издание на турнирот. Големо задоволство за мене е што годинава турниот е во Тетово каде што изворно почна да се одржува, меѓутоа последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на одбојкарските репрезентации на Македонија и турнирот се одржуваше на различни места. Оваа година заедно со претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и со генералниот секретар, Филип Деспотовски се договоривме, турнирот да прерасне и во официјален Супер Куп на Македонија. Овој турнир што го правиме во чест на мојот покоен татко ќе добие и нова улога како Супер Куп, кој секогаш ќе се одржува пред почетокот на сезоната. Турнирот е со огромна традиција, на него учествувале многу репрезентации, многу клубови и се надевам дека и годинава ќе присуствуваме на квалитетни натпревари меѓу најквалитетните екипи во Македонија од минатата сезона во машка и во женска конкуренција“, истакна синот на легендата, Ивица Хаџииљоски.

ОФМ се гордее што е една од ретките Федерации која може да се пофали со еден ваков голем јубилеј и константност на еден настан во својот календар.

„Самата импозантна бројка кажува сѐ. Турнир со голема традиција и додадена вредност во спортот. Најдобро за тоа говорат сите екипи и играчи кои во изминативе 50 години биле дел од овој турнир. На последното Европско првенство имаше тројца-четворица одбојкари кои настапувале на турнирот, а сега се едни од носителите на играта во своите репрезентации и најдобри играчи на светот, а претходно биле наградувани и на овој турнир“, истакна Петар Јовановски, претседател на ОФМ.

Организаторите му доделија благодарница на министерот за спорт, Борко Ристовски за поддршката и на одбојката, но и на овој традиционален турнир.

„Особено ми е драго што последниве години имаме одлична соработка со раководството на Одбојкарската федерација на Македонија и сите оние работи што ги правиме заеднички за раздвижување на одбојката добиваат некој нов терк и одбојката повторно зема замав. Овој турнир и давањето на значење тој да биде и Супер Куп на Македонија е само уште една потврда дека Одбојкарската федерација има план заедно со семејството Хаџииљоски во интерес на одбојката и на одржување на традицијата. Педесет години да организирате ваков турнир е навистина импозантна бројка и ние како држава, како Министерство за спорт и како Влада секогаш сме тука да дадеме поддршка и да помагаме за се што можеме и да излеземе во пресрет. Вакви настани и вакви љубилеи не покажуваат само еден Супер Куп, туку покажуваат нешто многу повеќе, покажуваат посветеност на семејството, љубов кон одбојката и кон спортот. Ние како Министерство за спорт и јас лично како поранешен спортист и сега како министер за спорт знам да го ценам тоа и секогаш ќе бидам пријател на луѓето кои се вистински љубители на спортот. Утре, Тетово ќе биде градот каде што ќе се случуваат убави работи, каде што ќе се промовира одбојката и Македонија како држава во која се промовира спортот и вистинските вредности“, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски.

Еднодневната програма на „Чајка“ Супер купот ќе стартува со машкиот натпревар меѓу освојувачот на двојната круна, Штип УГД од Штип и финалистот во првенственот плеј-оф и Купот, ГОК Борец од Велес, во 17 часот, додека женскиот Суперкуп дуел меѓу шампионот Работнички Скопје и освојувачот на Купот 2026, ЖОК Вардар ЕМ, двете екипи од Скопје, е закажан за 19:30 часот.

Влезот во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово ќе биде слободен, а организаторите испратија покана до сите љубители на спортот и одбојката да бидат дел од овој јубилеј.

 

ПретходноМЗТ Скопје се враќа на европска сцена, Ираклис прв предизвик
СледноМоже ли оваа репрезентација на Седлоски да дојде до сензација вечерва во Луцерн или барем до гол?!