ГОЛЕМА ШТЕТА: Пелистер пропушти победа – па бранеше реми!

6
Фото: Еурофарм Пелистер

Пелистер ја имаше првата победа во раце во Европската лига, но за жал не успеа да ја искористи својата предност и доминација во клучните моменти, па од гостувањето кај Гдањск си оди со реми 31-31 (16-17) во натпреварот од второто коло.

Главен лидер беше капитенот Филип Кузмановски, кој беше незапирлив и зад своето име запиша 15 погодоци. Новото засилување Саду Нтанзи имаше седум гола од 10 обиди.

Еден поинаков Пелистер видовме на вториот натпревар од групната фаза во Европската лига. Избраниците на Лино Червар имаа поинаков пристап, одбраната беше цврста, а нападот течеше според очекувањата.

Полскиот тим отвори со 2-0, следеше одговор од македонскиот тим за 2-5, а беше и 3-6. Противникот се обидуваше да се врати и изедначи на 6-6, но Пелистер одржуваше минимална предност до 20-тата минута, кога Гдањск успеа да поведе со 12-11. Сепак, на одморот Пелистер замина со предност од 16-17.

Битолчани одлично влегоа во второто полувреме, па по само четири минути поведоа со 17-20, но не искористија напад за плус четири. Наместо да продолжат во ист ритам, во еден момент му дозволија на противникот да дојде на гол разлика. Но, тука беше Кузмановски, кој знаеше кога да го поведе својот тим. Токму тој со 11. погодок во 42. минута ги постави највисоките плус четири (20-24).

Иако Пелистер се чинеше дека сигурно ќе ги запише бодовите, драмата кулминираше во самата завршница. Гдањск успеа да израмни на 31-31 во последната минута, откако ги казни грешките на битолчани, пропуштените шанси и вишокот на играч. Червар повика тајм-аут, но битолчани ја загубија топката и пропуштија голема шанса за победа. Сепак, на другата страна, полскиот тим не успеа да го искористи последниот напад, па Пелистер на крајот мораше да се задоволи со реми, иако победата му беше буквално во раце.

ПретходноЕвролигата ја одби првата понуда од НБА
СледноЛудило во Буенос Аирес: Улиците преполни пред последниот меч на Меси во дресот на Аргентина (ВИДЕО)