МАКПЕТРОЛ СО ДВА ПЛАСМАНИ НА ДЕВЕТОТО МЕСТО НА КАРАТЕ 1 СЕРИЈА А ВО САЛЦБУРГ

14

Седум каратисти на Карате клубот Макпетрол настапија на силниот меѓународен турнир Карате 1 Серија А во Салцбург, Австрија, каде што настапија 1.264 каратисти од 81 држава, со вкупно 1.197 натпреварувачки влезови.

Макпетрол настапи со Јована Мицовска (-61 кг), Викторија Јовановска (-68 кг), Греса Мустафаи (+68 кг), Вукашин Јовановиќ (-67 кг), Петар Заборски (-75 кг), Данило Божовиќ (-84 кг) и Стефан Стојановиќ (+84 кг).

Највпечатлив настап остварија Петар Заборски и Вукашин Јовановиќ, кои во исклучително силна конкуренција забележаа по две победи во елиминацискиот дел, со што обезбедија пласман во репасажот и ја задржаа можноста за борба за медал.

Петар Заборски (-75 кг) во првата борба со сигурен настап го совлада Германецот Филип Валгер со 4-0, а потоа беше уште поубедлив против Холанѓанецот Каи Верф, кого го совлада со 4-1. Во третата борба Заборски загуби од Сурен Харутјунјан од Ерменија со 5-8, но поради неговиот пласман во финалето тој доби можност преку репасажот да се бори за медал.

Во репасажната борба следуваше нов дуел со Филип Валгер од Германија, во кој Заборски загуби со 1-5. Со тоа, Петар Заборски го освои деветтото место во категоријата -75 кг, што претставува значаен резултат со оглед на исклучително силната меѓународна конкуренција кад што восекоја категорија има по 96 пријавени спортисти.

Сличен пат до деветтото место имаше и Вукашин Јовановиќ (-67 кг). Тој турнирот го започна со победа над Дик Трејси Очоа од Колумбија со 4-1, а во второто коло беше подобар и од Гаши Дрен од Косово со 5-2.

Во третата борба Јовановиќ загуби од Украинецот Назари Прањчук со 1-10, но доби можност преку репасажот да се врати во борбата за медал. Во исклучително неизвесна репасажна борба против Французинот Хуго Себаг, Јовановиќ загуби со 5-6, со што и тој го заврши настапот на деветтото место.

ОСТАНАТИТЕ КАРАТИСТИ НА МАКПЕТРОЛ

Стефан Стојановиќ (+84 кг) во првата борба забележа победа над Адам Тадјер од Франција со 2-0, а во вториот меч минимално загуби од Лазар Потпара од Црна Гора со 1-2.

Данило Божовиќ (-84 кг) имаше две одлични победи во елиминацискиот дел. Тој го совлада Американецот Сеишерен Санпон со 3-0, а потоа и Јахор Јунчиц, кој настапува под знамето на ВКФ, со 6-1. Во третата борба Божовиќ загуби од Јапонецот Зен Косака со 2-6.

Греса Мустафаи Арена Струга (+68 кг), беше со тимот на Макпетрол, таа загуби минимално од Турчинката Мерјем Јилдерим со 2-3, додека Викторија Јовановска (-68 кг) одигра нерешено 1-1 со Италијанката Карлота Монтебело, а потоа загуби од Бехије Мустафа од Косово со 0-2.

Јована Мицовска (-61 кг) беше поразена од Германката Анастасија Семененко со 0-8.

ПретходноШпански медиуми: Мбапе сака да го напушти Реал Мадрид?!
Следно„Фемили“ со порака: Името твое свето ќе го браниме пред светот!