Висла е нов предизвик: Вардар пред полни трибини ја посакува првата победа во ЛШ

70

Вардар вечерва го очекува нов голем европски предизвик. Во рамките на третото коло од Лигата на шампионите, „црвено-црните“ во СЦ „Јане Сандански“ ја пречекуваат полската Висла Плоцк, а натпреварот започнува во 20:45 часот.

Македонскиот првак во првите две кола забележа два минимални порази – 31:33 на гостувањето кај Мелсунген и 32:33 дома против Нант. Со тоа Вардар е без бодови, додека Висла во првите две средби освои два бода и моментално е на третото место во групата Б.

Полскиот тим е сериозен европски противник, а тренерот Иван Чупиќ посебно ја истакна неговата одбрана. Според него, Висла има една од најдобрите одбранбени линии во Лигата на шампионите и за Вардар ќе биде неопходно да одигра на највисоко ниво во нападот.

„Веруваме дека во полн ‘Јане Сандански’ никому нема да му биде лесно. Сакаме по двата натпревара без бодови да стигнеме до првата победа“, порача Чупиќ пред вечерашниот дуел.

Добра вест за тренерот на Вардар е враќањето во составот на Лазаревски, Педро и Стојановски, додека Бомаштар и понатаму е надвор од комбинација поради повреда на грбот.

Вардар во домашното првенство во меѓувреме влезе во победнички ритам, со убедливиот триумф над Охрид од 27:18, што дополнително ја подигна атмосферата пред европскиот предизвик.

Се очекува полна сала во „Јане Сандански“, а поддршката од трибините може да биде еден од клучните фактори во обидот Вардар да стигне до првите бодови во новата сезона на Лигата на шампионите.

ПретходноПолјакот оптимист: Интер оваа сезона ќе атакува на трофејот од Лигата на шампионите!
СледноАрда Туран ќе биде новиот селектор на Турција