Времиња убави, времиња минати! Една деценија од тој легендарен 11 Октомври (ВИДЕО)

146

Огнен Чак Дојчиновски

Нека ни е честит големиот македонски празник 11. Октомври. На денешен ден, македонскиот народ во 1941 година и официјално ја започна својата борба против фашистичкиот окупатор, која што беше никулец на подоцнежното основање на македонската држава во 1945 година.

Денешниот ден е еден од најважните во историјата на Македонија. Овој датум има огромно значење. Вековната борба за самостојност, државност и признавање на македонскиот народ кулминира во тие моменти, и трае до ден денес. Континуитетот на настаните од тој 11 Октомври се одсликува до ден денеска, а придобивките од таа борба ги уживаме како нација.

Од друга страна пак, уште еден 11 Октомври за нас е исклучително важен. Оној од поновата наша спортска историја.

На денешен ден, во 2016 година фудбалска Македонија го оствари својот најголем успех. Се пласираше на Европското првенство за играчи до 21. година откако во квалификациите фантастично и сензационално, во конкуренција со Франција, Шкотска, Украина… завршивме како први во групата.

Легендарниот за нас тогашен селектор, Благоја Милевски ја одведе за нас најуспешната засега генерација на завршниот турнир во Полска.

Таа прекрасна вечер на Арената Тодор Проески во Скопје ќе ја паметиме сите. Барем оние кои што бевме присутни таму. Нам ни требаше победа против Шкотска, а Украина да одигра добро против Исланд иако резултатски тој меч не и значеше ништо. Тоа и се случи. Македонија на Арената одигра фајтерски, победи со 2:0, и стигна до огромните 21. бод и првото место на табелата.

На среќата, еуфоријата и радоста и немаше крај. Тие момци ја направија оваа држава среќна, овој народ радосен. Сплотени како еден, никој не дозволи да биде пореметен, деконцентриран, од било што друго. Успехот на Македонија беше на прво место, така и бидна. Среќата многупати во тие квалификации не следеше. Некоја виша сила беше со нас тогаш. Кој има добра меморија, ќе се присети дека беше токму така. И во Франција, и во Шкотска, и во Украина… мечеви кои Македонија ги одигра со срце, и успеа. Успеа во името на овој народ кој што во тие млади момчиња виде вистински хероји, како оние од 11 Октомври 1941 година. Дека во тој дрес со национален грб ја носат историјата, сегашноста и иднината на овој народ.

Игор Алексовски, Дамјан Шишковски, Филип Илиќ, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски        , Бесир Демири, Висар Муслиу, Мевлан Мурати, Егзон Бејтулаи, Алекса Амановиќ         , Јован Попзлатанов, Давид Бабунски, Бобан Николов, Даниел Аврамовски, Кире Маркоски, Енис Барди, Тихомир Костадинов, Елиф Елмас, Никола Ѓорѓев, Марјан Радески, Виктор Ангелов, Филип Пивковски, Петар Петковски, со Благоја Милевски како селектор се тие наши хероји од 2016 година.

Голем дел од нив се и ден денес носители на А репрезентацијата на Македонија. Дел од овие одамна завршија со професионален фудбал, на високо ниво, но за нас секогаш ќе останат оние деца кои го направија тој 11 Октомври 2016 година наш нов национален празник.

И да… овие слики, видеа се направени од потписникот на овие редови, дел од една редакција, медиум, кој за жал повеќе не постои, Македонски Спорт. Сведок на некои моменти кои што не смеат да бидат заборавени, да избледат, да останат на маргините. Не… овие моменти мора да се врежат во македонската историја, спортска, национална каква сакате. За да биде пример, како една мала група може да направи милиони луѓе горди.

Да живее македонскиот народ, да живее Македонија….

 

ПретходноСавичевиќ: Струмица има млад тим, кој не смее да се потцени
СледноБезеки најбрз во Индонезија