Кристијано Роналдо го постигна 981. гол во професионалната кариера и сега го делат само уште 19 погодоци од остварување на големата цел – да стигне до бројката од 1.000 голови. Славниот Португалец погоди на домашниот натпревар на Ал-Наср против Нефтчи Фаргона, во второто коло од групната фаза на Азиската Лига на шампиони, на кој саудискиот тим славеше со 3:1.
Со тоа, Роналдо и соиграчите ги освоија првите три бода во натпреварувањето и се вратија на победничкиот пат по тешкиот пораз од 0:4 од Ал-Аин на стартот. Нефтчи Фаргона, исто така, останува со три бода, откако на првиот натпревар славеше против Ал-Кува Ал-Џавија.
Натпреварот на стадионот „Ал-Аввал парк“ во Ријад започна со еден час задоцнување поради безбедносно предупредување од саудиските власти. Претходно биле пресретнати ракети насочени кон главниот град, а откако беше соопштено дека опасноста поминала, дуелот започна.
Домашниот тим поведе во 33. минута преку Анџело Габриел, а девет минути подоцна на сцена стапи Роналдо. По центаршутот на Садио Мане, Ајман Јахја ја спушти топката со гради до Португалецот, кој се сврте и ја испрати во мрежата за 2:0. Така, големата ѕвезда на Ал-Наср е на само 19 погодоци од историската граница од 1.000 голови.
По паузата, гостите ја вратија неизвесноста. Во 51. минута, Алишер Одилов ја искористи грешката во одбраната на домаќините и го намали резултатот.
Сепак, надежите на гостите од Узбекистан добија тежок удар во 65. минута, кога Џамшид Искандаров беше исклучен поради груб прекршок над Мохамед Симакан.
Со играч повеќе, Ал-Наср го постигна и третиот гол во 78. минута. Анвар Гофуров, обидувајќи се да го пресече центаршутот на Саму Кошта, ја испрати топката во сопствената мрежа и го постави конечниот резултат од 3:1.
Следниот предизвик за Роналдо и соиграчите ќе биде во домашното првенство. На 15 октомври (четврток), Ал-Наср ќе му гостува на Ал-Ахли во натпревар од деветтото коло на саудиската Професионална лига. Со евентуална победа, тимот на Роналдо може привремено да го преземе врвот на табелата.










