Поранешниот претседател на Барселона го нападна Меси: Кој мисли дека е? Нека внимава!

92
Фото: Интер Мајами Х

Поранешниот претседател на Барселона, Жоан Гаспарт, жестоко го критикуваше Лионел Меси поради неговиот однос кон поранешниот клуб и можноста за збогување со навивачите на „Камп Ноу“. Гаспарт, кој ја водеше Барселона од 2000 до 2003 година и беше претседател на клубот кога Меси пристигна како 13-годишник, му порача на Аргентинецот дека не смее да поставува услови за проштален натпревар. За ова зборуваше во подкастот „Sólo para Culés TV“.

„Како фудбалер, Меси е неспорен, најдобар во светот. Но, постои нешто што не смее да го заборави, а тоа е дека Барселона е над него. Нека внимава. Ова го кажувам од љубов кон играчот што го доведов кога имаше 13 години и бев претседател на Барселона. Тој е голем играч, но делумно тоа ѝ го должи на Барселона. Не смее да го заборави тоа“, изјави Гаспарт.

На Гаспарт особено му пречи можноста Меси да го условува збогувањето со навивачите на Барселона со заминувањето на актуелниот претседател Жоан Лапорта. Аргентинецот го напушти клубот во 2021 година, откако со тогашното раководство не успеа да постигне договор за продолжување на соработката. Оттогаш, тој сè уште немал проштален натпревар пред навивачите на Барселона.

„Ќе му дадам уште малку време, но ќе дојде ден кога ќе почне да ми пречи ако Меси создава проблеми околу доаѓањето во Барселона за да се збогува со навивачите. Кој мисли дека е? Не може да го условува своето збогување со тоа Лапорта повеќе да не биде претседател“, изјави Гаспарт.

Поранешниот претседател отиде и чекор понатаму, порачајќи дека лично не би присуствувал на прошталниот натпревар на Меси доколку тој се одржи дури по заминувањето на Лапорта. Сепак, нема потврда дека Меси навистина поставил таков услов. Изјавите на Гаспарт се однесуваат на неговото гледиште за односот меѓу Аргентинецот и актуелниот претседател на Барселона.

Го спомена и Ламин Јамал

Во текот на разговорот, Гаспарт раскажа и анегдота за своите правнуци, на кои им понудил да изберат чие име сакаат да го имаат на дресот на Барселона – на Меси или на Ламин Јамал. Според неговите зборови, сите четворица го избрале Јамал, а еден од нив дури го прашал кој е другиот играч што го споменува.

Меси играше за првиот тим на Барселона од 2004 до 2021 година, освојувајќи десет титули во шпанското првенство и четири трофеи во Лигата на шампионите. По заминувањето од каталонскиот клуб, настапуваше за Пари Сен Жермен, а од 2023 година е член на Интер Мајами.

Неговото заминување од Барселона и односот со Лапорта и понатаму се тема на дебати, а официјален проштален натпревар сè уште не е одржан.

ПретходноАлен Рустемовски и Битола му приредија спектакуларен дочек на бронзениот Арабел (ФОТО)
СледноВинисиус во неверување по црвениот картон: Откриено што му зборувал на судијата