Македонскиот ракомет сè уште ја бара европската формула

141

Македонскиот ракомет на европската сцена, барем засега, нема со што да се пофали, особено кога станува збор за двата најголеми конкуренти за освојување на титулата во Супер-лигата, два тима кои кроеја состави за големи дострели и за надигрување со врвни екипи.

Актуелниот македонски првак и по четвртото коло во Лигата на шампионите остана со „0“ на контото. Вардар запиша четири порази и ги загуби сите шанси за пласман во главната рунда на ова натпреварување.

Дали треба да биде утеха тоа што добро одигра против Висла Плоцк на реваншот во Полска? Дефинитивно НЕ. Факт е дека во Лигата на шампионите нема аутсајдери, но исто така стои и фактот дека Вардар нема освоено ниту еден бод.

Ниту во Битола не е подобро. Додуша, Еурофарм Пелистер освои бод против Гдањск на гостински терен, во натпревар во кој ја бранеше предноста, а имаше шанса да дојде до победа. Искусниот стратег Лино Червар од коло во коло упорно ја форсира играта „седум на шест“, нешто што засега апсолутно не носи ништо добро. Уште помалку треба да се експериментира во сегмент кој не дозволува вакви подвизи. Пелистер има два порази и едно реми. Теоретски, има шанси за пласман во следната рунда во Европската лига, но патот е трнлив и тежок.

На европската сцена го видовме и ГРК Тиквеш, кој е елиминиран од ЕХФ Европскиот куп уште во првото коло. Победата со еден гол разлика против Еш автоматски се брише бидејќи претходно, исто така на домашен терен, беше поразен од истиот тим.

АЛКАЛОИД, ГРК ОХРИД И БУТЕЛ СКОПЈЕ СЛЕДНИ НА ЕВРОПСКА СЦЕНА

Шанса за победа и за прикажување во подобро светло, покрај Вардар и Пелистер, имаат уште три македонски тимови. Алкалоид, ГРК Охрид и Бутел Скопје ги очекуваат натпреварите од ЕХФ Европскиот куп, а прв што ќе има шанса да дојде до победа е составот на Кирил Лазаров, кој на домашен терен го пречекува Келаг Ферлах.

ГРК Охрид на 23 и 24 октомври ја започнува одбраната на титулата во истото натпреварување против Спорт Тото од Турција, додека Бутел Скопје во сабота го игра првиот меч против Горица на гостински терен.

Останува да се надеваме дека црниот биланс на македонските екипи на европската сцена ќе се подобри и конечно ќе почнеме да пишуваме за победи.

ПретходноМурињо:“Реал има шест бода во ЛШ, така да не ме интересира што вие пишувате“!
СледноХаос во Сплит: Торцида ги нападна фановите на Ајакс!(ВИДЕО)