АТП подготвува големи промени од 2028 година: Повеќе пари за тенисерите и нов систем на рангирање

0
ФОТО:facebook.com/AustralianOpen
АТП планира сериозни промени од 2028 година, кои треба да им донесат значително поголема заработка на тенисерите, поинаков систем на рангирање и појасна структура на календарот.

Според планот што го претстави претседателот на АТП, Андреа Гауденци, вкупниот финансиски надомест за играчите треба да достигне околу 350 милиони долари годишно, без да се сметаат наградните фондови од Гренд слем турнирите.

Централните издвојувања на АТП за тенисерите треба да надминат 100 милиони долари, додека бонус-фондот би се зголемил од сегашните 21,5 на 50 милиони долари.

Дополнително, 25 милиони долари би биле наменети за играчите кои сезоната ќе ја завршат меѓу најдобрите 250 на светот, а уште 30 милиони долари би биле издвоени за пензиски програми за околу 300 тенисери годишно.

„Тенисот денес е во многу силна позиција. Нашите турнири растат, навивачите го следат спортот на сè повеќе начини, а заработката на играчите е на рекордно ниво. За да останеме силни, спортот мора да продолжи да се развива“, порача Гауденци.

Една од најважните промени ќе се однесува и на АТП-листата.

Резултатите на најголемите турнири треба да носат поголема тежина отколку досега, со што АТП сака да ја намали потребата тенисерите да бркаат дополнителни поени на помалите натпреварувања по слабите резултати на големите турнири.

Планот предвидува и воведување појасно дефинирани недели резервирани за одредени категории турнири. На тој начин, играчите полесно ќе можат да ја планираат сезоната и да најдат повеќе простор за одмор.

Во новата структура ќе биде вклучен и Мастерс 1000 турнирот во Саудиска Арабија.

Промените доаѓаат во период кога сè повеќе тенисери јавно се жалат на физичкото оптоварување што го носи сезоната долга речиси 11 месеци, како и на системот кој ги поттикнува да играат на голем број турнири поради поените и финансиските бонуси.

АТП ќе ја разгледува и долгорочната иднина на конкуренцијата во двојки, вклучувајќи ги и можните промени во големината на ждрепките. Доколку тоа доведе до намалување на наградниот фонд во двојки, планот е тие средства да се пренасочат кон квалификациите и раните рунди во сингл-конкуренцијата.

Гауденци смета дека целиот пакет мерки ќе им овозможи на тенисерите подобро да го планираат календарот, да заработуваат повеќе и да добијат поголема финансиска сигурност.

„Следната фаза е можност да ја направиме сезоната посмислена и за играчите и за навивачите, како и растот на спортот да создаде повеќе можности низ целиот Тур“, изјави првиот човек на АТП.

Предлозите допрва треба да поминат дополнителни консултации и да добијат одобрение, а АТП планира конечниот пакет да го претстави на завршните состаноци на сезоната во Торино.

ПретходноИма само 16 години, а веќе е репрезентативка: Далија Стојановска храбро ја освојува велосипедската патека