Шампионот и натаму е перфектен во нашата елитна кошаркарска лига. Вечерва во салата “Јане Сандански“ во дербито на 3.коло, МЗТ Скопје како домаќин успеа да го победи ТФТ со 70:66.
Па така сега шампионот има “три од три“, додека ова за тимот од Тафталиџе е вториот пораз.
Пулените на стратегот Василев тргнаа силовито уште на стартот. Си набилчдаа разлика, а потоа им беше полесно. Првиот период МЗТ Скопје го доби со +10 поени разлика и ова како да беше предзнак за тоа како ќе се одвива ова дерби. Во вториот период гостите одиграа далеку подобро и го добија со +2.
Во продолжение од средбата гледавме рамноправна битка, беше израмнето, но како што се наближуваше крајот, ТФТ ја намалуваше разликата, која на 2 минути и 20 секунди до крајот изнесуваше само +5 поени за МЗТ Скопје.
И кога на 1. минута и 28 секунди резултатот гласеше 67:64 јасно беше дека ќе има драма. Сепак шампионот кога беше најпотребно, знаеше како да одигра и да дојде до победата.
Николиќ со 15 поени беше најефикасен кај домашните, додека Сила кај гостите запиша 19 поени.













