Човечки е да се згреши но уште по човечки е да се признае грешката и да се даде извинување. Ваков епилог има денешниот инцидент од мечот Шкендија Арачиново – Струга ТЛ во кој што главниот судија Влатко Илиоски вербално го навредил домашниот капитен Бесир Демири со зборовите „мајмун неписмен“.
Инцидентот потоа од страна на капитенот Демири беше пријавен во записникот, клубот Шкендија Арачиново излезе со официјално соопштение, во кое повика ФФМ како надлежна институција да реагира.
За да сега, од Арачиново да излезат со најнова информација дека проблемот е решен со директен телефонски разговор помеѓу Илиоски и Демири во кој што арбитарот се извинил за своето однесување кон искусниот фудбалер.
„Нашиот клуб ја информира јавноста дека судијата Илиоски лично го контактирал нашиот капитен Бесир Демири и му се извинил за инцидентот што се случи.
Го цениме овој гест и подготвеноста на судијата да ја признае грешката и да се извини. Веруваме дека признавањето на грешката е важен чекор кон преиспитување на сопствените постапки и преземање лична одговорност.
Сепак, извинувањето не може и не смее да ја замени одговорноста за навредите од расистички карактер.
Расизмот и дискриминацијата немаат место во фудбалот, особено кога доаѓаат од лица чија должност е да гарантираат правичност, непристрасност и почитување на правилата на теренот.
Затоа, и покрај извинувањето, остануваме на нашиот став дека надлежните фудбалски органи треба да го разгледаат случајот и да преземат соодветни дисциплински мерки.
Не бараме одмазда, туку одговорност. Не бараме привилегии, туку почит и еднаков третман за секој фудбалер.
За нас, ова не е само инцидент насочен кон нашиот капитен, туку принципиелно прашање што го засега достоинството на секој спортист.
Фудбалот е игра што обединува, а не разделува.“ – се вели во соопштението на Шкендија Арачиново.