Денеска и официјално стартува „Шпаркасе Лајф“ Прва лига – жени носи нови предизвици, нови состави и нова борба за врвот. Први новата сезона ќе ја отворат Вардар и бранителот на тиутлата Крива Паланка, натпреварот стартува во 16 часот.
„Од новата сезона очекувам пред сè квалитетна и конкурентна лига, со многу неизвесни натпревари. За нас најголемиот предизвик ќе биде да создадеме стабилност во играта и континуитет во текот на целата сезона. Имаме тим со потенцијал, но имаме и огромен простор за напредок. Нашата амбиција е да бидеме конкурентни на секој натпревар и да се бориме за највисоките позиции. Сакаме да изградиме тим кој ќе биде препознатлив по својот карактер и ќе напредува од натпревар во натпревар. Успех за нас би бил на крајот од сезоната да знаеме дека го достигнавме нашиот реален потенцијал и дека сме во позиција да се бориме за трофеи“.
Задоволен сум од составот со кој располагаме. Имаме комбинација на поискусни и помлади кошаркарки, што ни дава добра основа за развој и конкурентност. Нашиот стил ќе го темелиме на агресивна одбрана, тимска игра, брза транзиција и дисциплинирана игра во нападот. Сакам да бидеме екипа која игра со енергија, карактер во секој натпревар“, изјави тренерот на Вардар, Александар Ашаданов.
Крива Паланка со трофеј ја започна сезоната, го освои Супер-купот и сега има за задача да го брани пехарот во домашниот шампионат.
„Очекувам сезона сo многу неизвесни натпревари. Секој тим ќе има свои амбиции, а за нас најголемиот предизвик ќе биде да ја задржиме стабилноста и нивото на игра низ целата сезона. Ќе одиме чекор по чекор, и ќе се фокусираме на секој следен натпревар. Да продолжиме да напредуваме и од натпревар во натпревар да бидеме уште подобри. Нашите амбиции се повторно да бидеме меѓу екипите кои ќе се борат за највисоките позиции. По успешната мината сезона, сакаме да продолжиме во ист ритам. За мене успех би бил тимот да остане конкурентен до самиот крај. Да има карактер и континуитет и заедно да направиме уште еден чекор напред“.
Задоволен сум од составот и карактерот на групата. Имам голема доверба во овие играчи и верувам дека можеме да играме агресивна, брза и тимска кошарка. Сакам да бидеме екипа која игра заедно, се бори за секоја топка и во секој натпревар го дава максимумот“, изјави Виктор Петровски, тренерот на Крива Паланка.










