„Вардарки“ го надиграa шампионот за премиерен триумф

45
фото: mkd.basketball

Кошаркарките на Вардар на најдобар можен начин ја започнаа новата сезона во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени. Во дербито на првото коло, вардарки одиграа одлично против актуелниот шампион Крива Паланка, го наметнаа својот ритам уште од самиот почеток и заслужено стигнаа до значаен триумф од 82:70.

Домаќинките го најавија големиот успех уште во првата четвртина, во која целосно го изненадија противникот. Со одлична реализација во нападот, Вардар постигна 29 поени, а прими само 13, за убедлива предност по првите десет минути.

Избраничките на Вардар продолжија во ист стил и во вториот период, дополнително зголемувајќи ја предноста. На паузата меѓу двете полувремиња резултатот беше убедливи 47:25, со што домашниот состав направи голем чекор кон победата.

Вардарки не застанаа ниту во третата четвртина. Продолжија со сигурна игра и ја достигнаа највисоката предност од 25 поени, а по 30 минути игра на семафорот стоеше 67:42.

Крива Паланка, која минатата сезона ја освои шампионската титула, покажа реакција во последниот период. Гостинките успеаја да намалат дел од негативата, но претходно стекнатата предност на Вардар беше доволна за сигурно приведување на натпреварот кон крајот и славење на премиерниот триумф.

Во победничкиот состав дури пет кошаркарки остварија двоцифрен поентерски ефект. Капитенот Тасевска беше најефикасна со 17 поени, шест скока и пет асистенции. Пислевска и новото засилување Донмез постигнаа по 16 поени, Николи придонесе со 13 поени и шест скока, додека Трајковска забележа „дабл-дабл“ учинок од 12 поени и 10 скока.

Кај Крива Паланка, капитенот Алексовска се истакна со 25 поени и пет скока. Гордон оствари „дабл-дабл“ со 22 поени и 11 скока, а Ли го заврши натпреварот со 15 поени и осум скока.

Со оваа победа, Вардар испрати јасна порака уште на стартот на првенството, додека останатите три натпревари од воведното коло ќе се одиграат во недела, на 18 октомври.

„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 1. КОЛО

Вардар – Крива Паланка 82:70

18. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

14.00: Гевгелија – Патриот 2016

Спортска сала „26.април“ – Гевгелија

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/exHZ0EDS7pI?si=ZSBDNAKUDbdzkUaS

14.30: Пробаскет – Бадел 1862

Спортска сала „Јасмин“ – Кавадарци

ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Yc-t6ce6OrE?si=kT-TdrwnkywqAuQJ

20.00: МЗТ Скопје Аеродром – Баскет кам

Спортски центар „Јане Сандански“ (голема сала) – Скопје

ПретходноМитев: Одиме во Виена со мирни глави, исто како да е реми
СледноБрутален: Бобан Илиоски со спектакуларен нокаут во прва рунда на GLORY 110! (ВИДЕО)