Гевгелија победнички ја отвори прволигашката сезона!

47
Фото: КФСМ

Првото коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени донесе интересни натпревари, убедливи победи на фаворитите, но и успешна премиера за новиот прволигаш Гевгелија, кој на домашен терен го совлада Патриот 2016 со 80:55.

Гевгеличанки го најавија првиот триумф уште во воведната четвртина, која ја добија со 17:11, а на одморот заминаа со предност од девет поени (33:24). Во продолжението продолжија со сигурна игра, постепено ја зголемуваа разликата и на крајот заслужено стигнаа до убедлива победа на своето деби во прволигашката конкуренција.

Четири кошаркарки на Гевгелија ја завршија средбата со двоцифрен број на поени. Стојковска беше најефикасна со 27 поени, Алексовска запиша 14 поени и 12 скока, Деловска придонесе со 13, а Џангаровска со уште 11 поени.

Кај гостинскиот состав од Делчево, Рашова оствари одличен индивидуален учинок од 22 поени и 22 скока. А. Стојменовска постигна 14 поени, додека И. Стојменовска заврши со 10.

Бадел 1862 ја оправда фаворитската улога на гостувањето во Кавадарци и со убедливи 70:44 ја забележа првата победа во новата сезона.

Баскет Кам стигна до победа и на гостински терен, совладувајќи го МЗТ Скопје Аеродром со 58:41. Кошаркарките од Македонска Каменица ја темелеа победата пред сè на агресивната игра во одбраната, со која го ограничија домашниот состав на само 41 поен.

„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО

Вардар – Крива Паланка 82:70

Гевгелија – Патриот 2016 80:55

Пробаскет – Бадел 1862 44:70

МЗТ Скопје Аеродром – Баскет кам 41:58

ИДНО КОЛО (24.10)

Крива Паланка – Бадел 1862

Вардар – Гевгелија

Баскет кам – Пробаскет

Патриот 2016 – МЗТ Скопје Аеродром

ПретходноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: Битолчанец освои СУПЕР МИЛИОНЕР вреден 6.815.331 денари
СледноРФМ со новитет за најмладите!