Европски куп во шах: „Фармацевтите“ вратија со иста мера, Мулти Есенс до нов триумф

0

Третото коло на Европскиот клупски куп во шах во Будва, Црна Гора, помина во духот на претходните две и не донесе изненадувања за фаворитите, кои ги имаа првите посериозни предизвици на шаховските табли.

ШК Алкалоид за противник го доби Шахфројнде од Берлин, Германија, кој во претходното второ коло освои победа над ШК Мулти Есенс со 4,5-1,5. На крајот на третото коло на мечот беше постигнат идентичен резултат, но победата отиде во рацете на фармацевтите.

„Веи и Ивиќ продолжија да демонстрираат одлична форма и донесоа рано водство на втората и на шестата табла, каде што ги имавме белите фигури. Следуваше триумфот на Еригаиси во негов стил, со креирање сложена позиција. Александар Инѓиќ се вклучи во тимот и рутински одработи реми со црни фигури за обезбедување победничко водство. Аравинд на третата табла се одлучи да жртвува пешак, но неговиот противник играше одлично, па на крајот, сепак, се бореше за реми, додека, пак, Пураник имаше обратна ситуација – подобра позиција со пешак предност, но не успеа да реализира. Конечните 4,5-1,5 се најреалниот резултат за овој меч“ оцени ВМ Влатко Богдановски, капитен на ШК Алкалоид.

Покрај македонскиот шампион, уште десет екипи имаат максимални шест бода по првите три кола и влегуваат во четвртото коло со меѓусебно вкрстување. Во четвртата рунда ШК Алкалоид ќе игра со седмиот носител, односно најдобро рангираниот клуб од Израел, Ашдод, кој е предводен од поранешниот играч на македонскиот тим, Павел Елјанов. Дуелот на двата тима ќе се игра на водечката прва маса.

ШК Мулти Есенс со својот комбиниран состав во 3. коло го надигра исландскиот тим Викинг Чес Клуб со 5-1.

„По вчерашниот пораз, денеска нашите шахисти одговорија на најдобар можен начин – со сигурна игра и со убедлива екипна победа. Цели поени освоија Емил Ристески, Филип Панчевски, Тони Лазов, Михаил Јорданов и Матео Ефтовски. Единствено Стојан Велкоски беше поразен. Ме радува ефикасноста со пет победи на шест табли, како и позитивната реакција по мечот од второто коло. На сите фронтови имавме кристално чисти ситуации, така што стигнавме до 4 бода и до вкупно 10 освоени поени на сите табли“, информираше ВМ Трајко Недев, капитен на тимот.

Следен противник на ШК Мулти Есенс е СК Рокаден, тим од Шведска рангиран на 19. место.No description available.No description available.No description available.

No description available.

ПретходноМбапе: Имам кариера за чиста “десетка“!