Вицешампионот на АБА 2-лигата, ТФТ Скопје, доживеа вистински кошмар на стартот од новата сезона во регионалното натпреварување. На гостувањето кај Слобода Тузла со само шест кошаркари ТФТ убедливо беше поразен со 106:61.
По мечот, тренерот Боро Смилковски не го криеше разочарувањето од организацијата на АБА-лигата, објаснувајќи дека клубот навреме ги регистрирал играчите, но делегатот добил список на кој недостасувале американските кошаркари на ТФТ.
„Девет години сум тренер на ТФТ. Долго време учествуваме во АБА, многу ни е дадено, ама и ние многу дадовме и никогаш не сме направиле проблем. Она што се случи денеска е многу чудно“, изјави Смилковски.
„Упатствата од нашиот клуб беа да не излеземе на терен, но поради публиката, поради Слобода Тузла како организација, а најмногу поради тоа што играчите што не добија дозвола за настап побараа сепак да се игра“, откри тренерот на ТФТ.
Смилковски најави дека клубот веќе подготвува правни чекори поради спорната одлука, а најмногу го погодил, како што вели, недостигот од почит кон ТФТ.
„Најголема победа за нас денеска е тоа што ниеден играч не се повреди. Можам да ви покажам докази дека ние не сме добиле никакво соопштение дека некој нема право на настап. Поминавме 700 километри и се чувствуваме навредено“, порача Смилковски.










