Иван Чупиќ: Ова се тешки моменти за нас! Сакаме да испратиме порака дека сме живи!

326

Вардар вечерва му гостува на Нант во петтото коло од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите. Натпреварот во „Х Арена“ почнува во 20:45 часот, а црвено-црните најавуваат максимално борбено издание и желба за првата победа во елитното натпреварување.

Ова ќе биде втора пресметка меѓу двете екипи сезонава. Во првиот натпревар во Скопје се водеше голема борба до последните секунди, а Нант славеше со минимални 33-32 (16-15).

Црвено-црните во Франција пристигнуваат по уште еден драматичен европски натпревар и минималниот пораз од Висла во Плоцк со 33-32. Нант, пак, во минатото коло убедливо го совлада Мелсунген со 33-25.

Предводникот на Вардар, Иван Чупиќ е свесен дека е тешко да се победи во Нант. Признава дека ова се тешки моменти за неговиот тим, бидејќи планот во Лигата на шампиони не беа четири порази, туку пласман во следната рунда.

„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека само добро издание и добар впечаток ќе бидат доволни. Во Нант мора да се бориме, да покажеме вистински гард и вистински став, како и секогаш досега. Тоа никогаш не смее да изостане.

Ова се тешки моменти. Имавме големи очекувања и се надевавме дека ќе ја поминеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за во иднина дека сме живи и конкурентни и дека оваа екипа е во процес на развој. Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мора да се претставуваме како што треба и сакаме да учиме од секој натпревар.

Го имаме Урош, но го немаме Мо. Тој има проблем и не патуваше со нас, па повторно остануваме со само еден десен бек. Урош сигурно ја заслужува оваа шанса. Со начинот на кој тренира и работи, како и со сè што направи минатата сезона, заслужува да игра повеќе и повеќе да ни помага. Сега, кога сме без Мо, ќе добие вистинска шанса.

Ќе бидеме и без Кејта, кој има вироза и не можеш да патува со нас. Малку сме тенки во ростерот, но се враќа Урош, а Педро може да покрие две позиции. Се враќа и Марио, така што сме покриени на левото крило.

Урош со својата работа минатата сезона многу ни помогна да избориме настап во Лигата на шампионите. Ќе добива поголема шанса и верувам дека ќе продолжи по патот од минатата сезона. Мо во овој момент се профилираше како прва опција, но секој натпревар е можност за докажување.

Не само од Урош, туку од сите очекувам борбен и машки натпревар од наша страна. Верувам дека ова ќе биде наш ден“, изјави Чупиќ.

ПретходноБарселона го пријави ПСЖ во УЕФА поради оваа кореографија (ВИДЕО)
СледноФаворитите се соочија со тешкотии, нова победа за ШК Алкалоид