Дебитантот на Вориорс за Дончиќ: Целосно ја изгубив почитта кон него!

0
Фото: Голден Стејт/Фејсбук
Јаксел Лендеборг, крилниот кошаркар на Голден Стејт Вориорс, по своето деби во НБА-лигата отворено ја критикуваше ѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ. Неговиот прв настап во средата заврши со пораз од Лејкерс од 127:105, а го одбележаа и тензиите на теренот со Дончиќ, кои кулминираа со тројката на словенечкиот кошаркар од центарот на теренот. Наместо да се фокусира на своето деби во НБА, Лендерборг по натпреварот реши да го коментира однесувањето на Дончиќ.

По натпреварот, Лендерборг објасни зошто го променил мислењето за Дончиќ, посочувајќи го неговото однесување како главна причина.

„Има многу глумење, изнудување фаули и жалење кај судиите. Ова беше интересно прво искуство за мене… Имав голема почит кон него. Не ја следев многу НБА-лигата, но гледав снимки на кои постојано ги уништува противниците. Но, кога го доживеав тоа во живо, со целото тоа приговарање и жалење, целосно ја изгубив почитта кон него“.

„Не станува збор за тоа што му беше досуден фаул, туку за тоа што се жалеше во текот на целиот натпревар. Ти досудија фаул, честитки, а потоа ми се внесуваш в лице како да си направил нешто големо? Ајде, човеку, тоа е бедно. Малку ме извади од такт бидејќи толку многу го ценев. Сега тоа го нема“, додаде Лендерборг.

Лендерборг го опиша и вербалниот конфликт со Дончиќ во текот на втората четвртина.

„Му реков дека е лош. ‘Само зборуваш, а не можеш да ми дадеш кош’. Така беше во текот на целиот натпревар. Ми избегаа и неколку пцовки, па затоа добив техничка грешка, но сакав да му ставам до знаење што мислам. Тој се смееше и зборуваше поради тој еден досуден фаул. Единствениот кош што ми го даде беше оној од центарот, со помош на таблата. На нашиот тим му постигна 28 поени… Размислував да го чувам со рацете зад грб, веројатно и тогаш ќе изнудеше фаул“, изјави кошаркарот на Голден Стејт.

Дончиќ го заврши натпреварот со 28 поени, осум скока и седум асистенции, со шут од игра 7/18.

Лендерборг одигра добра одбрана против Словенецот и во директните дуели не му дозволи да постигне кош од четири обиди, сè до споменатиот шут од половината на теренот на крајот од првото полувреме.

На своето деби во НБА, Лендерборг постигна 12 поени и забележа три скока, пружајќи силен отпор во дуелите со Дончиќ и покрај убедливиот пораз на својот тим.

ПретходноРио Фердинанд жестоко удри по Јунајтед: Неспособни, безопасни во нападот…