Кошаркарите на Партизан го добија првото овосезонско евролигашко дерби против Црвена звезда, славејќи со 85:82 по продолжение во седмото коло од елитното европско натпреварување. Во преполната „Белградска арена“, двата белградски ривали одиграа неизвесен натпревар, во кој победникот беше решен дури по дополнителните пет минути.
Партизан ја искористи предноста на домашниот терен за да стигне до значајна победа против најголемиот ривал, прекинувајќи ја серијата од три последователни порази во Евролигата. За Црвена звезда, пак, ова беше тежок пораз по добриот резултатски период и четирите последователни победи во натпреварувањето.
Во дополнителните пет минути, Партизан беше поуспешен и го приведе натпреварот до крај во своја корист, за конечни 85:82 и големо славје на домашните навивачи.










