Валерија Ваљак Неделковска, првата жена на чело на Синдикатот: Никогаш не се откажав – ниту од фудбалот, ниту од своите соништа!

138
Фото: Приватна архива на Валерија Ваљак Неделковска

✍ Марија Ковачева

Од фудбалскиот терен до позицијата на која се бори за правата на фудбалерите и фудбалерките. Во „Женски спортски приказни“ зборуваме со уште една дама која остави свој белег во фудбалот – Валерија Ваљак Неделковска.

Нејзиниот живот е тесно поврзан со фудбалот. Валерија е поранешна македонска репрезентативка која како капитен на ЖФК Борец испиша историја, освојувајќи ја двојната круна – шампионската титула и Купот. Успехот на велешкиот женски фудбал останува неповторен до денес, а Борец настапуваше и на европската сцена, играше во Лигата на шампиони против Евертон, а Валерија беше прогласена за играч на натпреварот. Денеска, таа е претседателка на Синдикатот на фудбалери на Македонија, како прва жена од Македонија и регионот на оваа позиција.

Зад спортските успеси и професионалните предизвици стои и лична приказна за тешките моменти, одговорноста и силата да се продолжи напред кога животот ги поставува најтешките испити. Тоа е приказна за љубовта кон спортот, истрајноста, вербата и посветеноста, но и за жената која не се откажува од своите цели. Валерија е доказ дека жената може да биде посветена мајка, успешна професионалка и да продолжи да ги остварува своите соништа.

⚽Зошто го одбра токму фудбалот? Како се роди љубовта кон овој спорт, особено во време кога тој не беше толку популарен меѓу жените?

„Мојата љубов кон фудбалот започна уште кога бев многу мала, на пет-шест години. Додека другите девојчиња играа ластик и други детски игри, мене посебно ме привлекуваше звукот на топката што ја удираа момчињата додека играа фудбал. Во истиот момент оставав сè и одев да играм со нив. Едноставно, топката ме влечеше кон теренот уште од најрана возраст. Тогаш не размислував дали фудбалот е машки или женски спорт. Јас само знаев дека го сакам и дека сакам да играм. Така, сосема природно, од детската игра се роди љубов што со текот на годините стана многу повеќе од спорт – стана дел од мојот живот, мојот идентитет и мојот пат.“

⚽Женскиот фудбал и ден-денес се соочува со предрасуди и недоволна поддршка. Какво е твоето искуство како фудбалерка? Дали некогаш мораше дополнително да се докажуваш за да покажеш дека твоето место е на фудбалскиот терен?

„Кога ќе се навратам на мојата фудбалска кариера, можам да кажам дека љубовта кон фудбалот и вербата во себе ми беа најголемата сила. Женскиот фудбал не секогаш ја добива поддршката што ја заслужува, а фудбалерките често мораат со својата работа, посветеност и резултати да покажат колку вредат.

За мене, најважно било да зборувам преку играта и резултатите. Никогаш не сакав некој да ме вреднува според тоа што сум жена, туку според моите квалитети, борбеноста и она што го давам на теренот. Фудбалот ме научи дека почитта не се бара само со зборови – таа се гради со труд, карактер и истрајност.

Токму затоа денес сметам дека треба да се менува начинот на кој се гледа на женскиот фудбал. Девојките треба да добијат можност да се развиваат, да сонуваат големи соништа и да бидат вреднувани според својот квалитет, а не според предрасудите.“

⚽Твојата кариера е исполнета со историски моменти. Со ЖФК Борец ја освои двојната круна, освојувајќи ги шампионската титула и Купот – успех што, според нашите сознанија, досега не е повторен во историјата на велешкиот женски фудбал. Што значеше овој успех за клубот и за самиот град, и кој момент прв ти се враќа во сеќавањето кога ќе се навратиш на тој период?

„Овој успех за мене значи многу повеќе од освоени два пехари. Со ЖФК Борец испишавме историја освојувајќи ги шампионската титула и Купот. Како капитен, чувствував огромна одговорност кон клубот, соиграчките и градот Велес. Зад тој успех стоеја многу работа, жртви, одрекувања, верба и љубов кон фудбалот.

Кога ќе се навратам на тој период, прво ми се враќаат сликите од прославата низ градот со пехарите, поддршката од навивачката група „Гемиџии“ и приемот кај градоначалникот. Поддршката што ја добивме беше посебна. Чувството кога знаеш дека зад тебе стои цел град, кога луѓето пеат и се радуваат заедно со тебе, е нешто што засекогаш се памети.

Горда сум на секоја девојка што беше дел од таа екипа. Бевме лавовки, игравме со срце и заедно се боревме за Борец. За мене, оваа двојна круна е еден од најголемите успеси во кариерата, а посебно место има и признанието „Спортист на град Велес“ во 2011 година. Тоа признание ми значи многу, бидејќи го доживувам како потврда за мојата работа и посветеност во спортот.

Најважно од сè е што оставивме белег во велешкиот женски фудбал и покажавме дека со заедништво, квалитет и верба можат да се постигнат големи работи.“

⚽Во квалификациите за Лигата на шампионите беше прогласена за најдобар играч. Колку ова признание ти помогна да ја потврдиш својата вредност како фудбалерка?

„Настапот во квалификациите за Лигата на шампионите е еден од посебните моменти во мојата фудбалска кариера. Да се биде дел од натпреварување на такво ниво е големо искуство, а за мене посебно значење има натпреварот против Евертон, на кој бев избрана за најдобар играч.

Тоа признание ми значеше многу, бидејќи беше потврда дека трудот, посветеноста и квалитетот можат да дојдат до израз и на меѓународната сцена. Кога вложуваш многу во она што го сакаш, ваквите моменти ти даваат дополнителна сила и мотивација да продолжиш уште посилно.

Но, за мене најголемата вредност на ова признание не е само индивидуалната награда, туку и чувството дека сум дала максимум за тимот и дека сум можела да го претставам својот клуб на високо ниво.“

⚽Дали имаше периоди кога ти беше најтешко, кога се сомневаше во себе или кога размислуваше да се откажеш? Што ти помогна да продолжиш?

„Најтешкиот период во мојот живот започна кога, на само 23 години, го изгубив татко ми. Тоа беше огромен удар и загуба што остави празнина во мојот живот.

Во исто време, животот бараше од мене да продолжам. Морав да играм фудбал и да работам за да можам да си обезбедам соодветни копачки и спортска опрема, но и да помогнам во семејните трошоци. Чувствував одговорност кон мојот помал брат, сестра, мајка и баба. Тоа беше период кога морав да бидам силна, дури и кога внатрешно ми беше најтешко.

Не беше лесно да ги усогласам сите обврски, но никогаш не се откажав. Фудбалот беше мојата љубов, мојата сила и нешто што ми помагаше да продолжам напред. Верував дека морам да се борам и за себе и за луѓето што ги сакам.

Денес, кога ќе погледнам наназад, знам дека зад моите успеси не стојат само натпревари, признанија и пехари. Стојат и солзи, жртви, работа и многу тешки моменти што не секој можел да ги види. Татко ми засекогаш ќе остане дел од мене и од сè што сум станала. Верувам дека би бил горд на патот што го изодев.“

⚽Го носеше и дресот на македонската фудбалска репрезентација. Ако треба да издвоиш еден момент од фудбалската кариера во кој си била најгорда на себе, кој би бил тој? Дали постои некој неостварен фудбалски сон што сè уште го носиш во себе?

„Ако треба да издвојам еден момент од настапите за македонската репрезентација во кој сум била особено горда на себе, тоа дефинитивно е натпреварот против Норвешка. За мене, тоа беше животен натпревар. Како одбранбен играч, имав голема одговорност да ги запирам противничките напади. Норвешка беше силна екипа со голема офанзивна моќ, но јас на тој натпревар се чувствував одлично во одбраната. Успеав да спречам многу напади, да освојам голем број топки и да покажам дека и одбранбениот играч може да има огромно влијание врз играта.

Тоа беше момент во кој почувствував дека можам да се носам со силни противници и дека трудот што сум го вложувала низ годините има вистинска вредност. Настапот за репрезентацијата секогаш носи посебна гордост, затоа што го носиш дресот на својата земја.

Кога размислувам за фудбалските соништа, најважно ми е што фудбалот ми овозможи да доживеам моменти што ќе ги паметам цел живот. Но, љубовта кон овој спорт не завршува со играчката кариера. Денес сакам преку мојата работа да придонесам и следните генерации да добијат подобри можности за да ги остварат своите соништа.“

⚽Ти си првата жена не само од Македонија, туку и во регионот, назначена за претседателка на Синдикатот на фудбалери на Македонија. Што значи за тебе оваа доверба и колкава одговорност носи борбата за правата на фудбалерите и фудбалерките?

„За мене, оваа функција е огромна чест, но истовремено и моја мисија и сон. Да бидам на чело на Синдикатот на фудбалери на Македонија значи да имам можност да се борам за нешто во кое искрено верувам – правата, достоинството и подобрите услови за фудбалерите и фудбалерките.

Јас доаѓам од теренот. Знам што значи да тренираш, да се жртвуваш, да вложуваш време и енергија, а понекогаш и да се соочуваш со услови што не се на нивото што го заслужува еден спортист. Затоа оваа функција за мене не е само титула, туку и голема одговорност. Сакам фудбалерите и фудбалерките да знаат дека имаат право да бидат слушнати, заштитени и почитувани. Мојата цел е да работиме на конкретни решенија, да ги застапуваме нивните интереси и да придонесеме за подобра спортска средина.

Верувам дека жената може успешно да води, да носи одлуки и да направи промени во спортот. Сакам мојот пример да биде поттик и за други жени да веруваат во себе и да се осмелат да преземат одговорност.“

⚽Со какви проблеми најчесто се соочуваат фудбалерките во Македонија и што е она што најмногу, односно најитно, треба да се промени за да добијат подобри услови и поголема поддршка?

„Според моето искуство, два од најголемите проблеми со кои се соочува женскиот фудбал во Македонија се условите за работа и недоволната финансиска поддршка.

Не можеме да очекуваме врвни резултати ако фудбалерките немаат соодветни услови за тренинг, квалитетна спортска инфраструктура и финансиска сигурност. За да напредува женскиот фудбал, потребни се поголеми вложувања, подобра организација и поголемо внимание од институциите, клубовите и сите што можат да придонесат за развојот на спортот.

И јас сум поминала низ периоди кога морав истовремено да работам и да играм фудбал за да можам да си обезбедам основна спортска опрема и да помогнам во семејните трошоци. Затоа знам дека зад секоја фудбалерка стои многу повеќе од она што публиката го гледа на теренот.

Како претседателка на Синдикатот, сакам да придонесам проблемите да се препознаваат и да се бараат конкретни решенија. Фудбалерките не бараат привилегии. Тие заслужуваат еднакви можности, достоинствени услови и поддршка за да можат да го дадат својот максимум.

Ако сакаме посилен женски фудбал во Македонија, мора да почнеме од основните услови за работа и од вистинска финансиска поддршка. Талент имаме, но талентот мора да добие можност да се развива.“

⚽Покрај ангажманот во фудбалот, успешно се реализираш и професионално како менаџерка во Sport Life. Колку спортот ти помогна во развивањето на лидерските способности, чувството за одговорност и способноста да ги мотивираш другите луѓе?

„Спортот има огромна улога во тоа каква личност сум денес и како функционирам во професионалниот живот. Фудбалот ме научи на дисциплина, одговорност, истрајност и тимска работа, но пред сè ме научи што значи да бидеш лидер.

Како капитен, научив дека лидерството не се состои само во тоа да ја носиш капитенската лента или да им кажуваш на другите што треба да направат. Вистинскиот лидер е оној што застанува зад својот тим, презема одговорност кога е тешко, знае да ги мотивира другите и со сопствениот пример покажува како се стигнува до целта.

И во спортот и во работата, резултатите се постигнуваат преку тимска работа. Можеш да имаш најдобри поединци, но ако нема заедништво, доверба и одговорност, тешко се стигнува до вистински успех.

Затоа сум благодарна за сè што ме научи фудбалот. Тој не ме изгради само како спортист, туку и како жена, лидер и професионалец.“

⚽Ти си мајка на две деца, жена која гради кариера и истовремено презема одговорност во спортот. Дали некогаш си почувствувала дека мораш да избираш меѓу тоа да бидеш добра мајка, успешна професионалка и жена која не се откажува од сопствените соништа?

„Никогаш не сум чувствувала дека морам да изберам меѓу тоа да бидам добра мајка, сопруга, успешна професионалка и жена која не се откажува од своите соништа. Секогаш сум наоѓала време за сè што ми е важно, затоа што тоа се работите што ги сакам најмногу.

Дури и во најтешките моменти, никогаш не се откажав. Можеби не било секогаш лесно, можеби сум имала денови исполнети со обврски и предизвици, но никогаш не дозволив тешкотиите да ме оддалечат од она што го сакам и во што верувам.

Моето семејство ми е најголемата сила, работата ми дава можност да се реализирам, а фудбалот е дел од мојот живот и мојот идентитет. Не верувам дека жената мора да се откаже од еден дел од себе за да успее во друг. Верувам дека со љубов, посветеност и силна волја може да се најде патот.

Денес сум горда што сум мајка на две деца, сопруга, професионалка и жена која сè уште се бори за своите цели. Не затоа што секогаш било лесно, туку затоа што никогаш не дозволив тешкотиите да ми бидат причина да се откажам.“

⚽Кој е твојот совет до сите оние кои сакаат да градат кариера во фудбалот, било како спортистки или како професионалци во фудбалската организација? Што би им порачала на жените кои еден ден сакаат да стигнат до позиција каква што имаш ти денес?

„Мојот совет до сите млади девојки, спортистки и жени кои сонуваат да направат нешто големо е никогаш да не се откажуваат од она што навистина, длабоко во срцето, го сакаат. Патот нема секогаш да биде лесен. Ќе има пречки, разочарувања и моменти кога можеби ќе помислат дека не можат да продолжат понатаму. Но токму тогаш треба да бидат најсилни и да веруваат во себе. Никој не може да им го исполни сонот ако самите не се подготвени да се борат за него.

Јас сум доказ дека со љубов, упорност, работа и верба во себе може да се стигне многу подалеку отколку што некогаш сме замислувале. Затоа, не дозволувајте туѓите мислења, предрасудите или тешките моменти да ве спречат да го направите она што го сакате. Не се откажувајте од својот сон. Борете се за него, живејте го и создадете живот на кој еден ден ќе бидете горди. Затоа што најголемата победа не е само да стигнете до целта, туку да знаете дека никогаш не сте престанале да верувате во себе.“


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноГРК Охрид тргнува во одбрана на европската титула: Кеита повика на полни трибини и две победи!
СледноГолем пресврт: Му свртеа грб на Инфантино, а потоа ѝ забија нож во грб на УЕФА!