Тренерот на Манчестер Јунајтед, Мајкл Керик, минува низ најтешкиот период откако во јануари го презеде клубот. По седум натпревари без победа и тешкиот пораз од Комо (4:1) во Лигата на шампионите, пред првенствениот дуел со Борнмут јавно ја презеде одговорноста за лошата форма на тимот.
На прес-конференцијата Керик одржа монолог подолг од пет минути, без да му биде поставено ниту едно прашање. Призна дека тимот не е на потребното ниво, а посебно се осврна на поразот од Комо среде неделата, по кој Јунајтед падна на 20. место во Лигата на шампионите.
„Не минуваме низ добар период и целосно сум свесен за тоа. Зад нас се пет месеци во кои имаше успеси и многу работи со кои бев задоволен. Но, во последно време не бевме доволно добри“, изјави Керик.
„Средата беше лоша вечер од многу причини, а болно беше да се гледа нашата игра. Тоа беше неприфатливо“, додаде тренерот на Јунајтед, кој минатата сезона го однесе тимот меѓу првите три екипи и му обезбеди враќање во Лигата на шампионите.
Тренерот на Јунајтед беше особено погоден од реакцијата на навивачите по убедливиот пораз во Италија. Тој порача дека тимот повторно мора да ја заслужи нивната доверба и да ја обнови поврзаноста со трибините на „Олд Трафорд“.
„Беше многу болно. Тешко ми падна да гледам како играме и како се одвива натпреварот. Навивачите се исклучително важен дел од овој клуб. Со оглед на трудот, времето и парите што ги вложуваат, она што сите го чувствувавме во средата беше навистина тежок момент“, рече Керик.
„Моја одговорност е на теренот да изведам тим на кој навивачите ќе можат да бидат горди. Во последно време се оддалечивме од тоа и преземам чекори за да го променам. Мораме да ги вратиме поврзаноста, енергијата, интензитетот, страста и уживањето во играта“, истакна тој.
Керик нагласи дека клубот не може да се потпира на старата слава и дека историјата на Манчестер Јунајтед не може да биде оправдување за сегашните резултати. Според него, сите во клубот мора да се вратат кон скромноста и напорната работа.
„Темелите на овој клуб се градат со децении. Ги разбирам неговите вредности и целосно ги прифаќам. Сè се сведува на скромност, напорна работа и гордост што си дел од овој клуб“, изјави Керик.
„Мораме да ја почитуваме неговата историја, но и да разбереме што е потребно за да победуваме. Никој нема право да биде тука само затоа што мисли дека го заслужил тоа. Победите не ни се загарантирани“, порача тренерот на Јунајтед.
Во завршниот дел од обраќањето, Керик ја презеде целосната одговорност за состојбата на тимот и со сликовит пример ја опиша својата улога.
„Моја одговорност е да го водам тимот. Сè што се случува на теренот, како изгледаме и како се чувствуваме – сето тоа е моја одговорност“, рече тој.
„Јас ќе го држам чадорот и ќе накиснам, за сите други да останат суви. Тоа е мојата улога, но и привилегија“, заклучи Керик.
Јунајтед моментално е на 13. место во Премиер-лигата со седум бода, а во недела го пречекува Борнмут, кој има бод помалку.










