Баерн Минхен се огласи откако Компани заврши во болница

0

Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани ја загуби светса во петокот додека го следел тренингот на вториот тим и бил задржан во болница за дополнителни прегледи. Од баварскиот клуб потврдија дека до понатамошно известување тренинзите и натпреварите ќе ги водат неговите соработници.

Германскиот весник „Билд“ претходно објави дека Компани бил пренесен во болница во Минхен со возило на итната медицинска помош, а во тренинг-центарот слетал и хеликоптер. Белгискиот тренер во изминатите денови имал проблеми со вирусна инфекција, но Баерн во соопштението не ја наведе причината за неговото онесвестување.

„Винсент Компани мораше да побара лекарска помош во петокот, откако се онесвести за време на тренингот на вториот тим на Баерн. Тренерот на првиот тим го следел нивниот тренинг. Компани ќе биде подложен на детални прегледи во болницата и ќе остане под лекарски надзор. Неговиот стручен штаб до понатамошно известување ќе ги води тренинзите и натпреварите“, објави Баерн.

Има здравствени проблеми

Да потсетиме, по ремито 2:2 против Арсенал во Лигата на шампионите во средата, Компани и самиот зборуваше за својата здравствена состојба.

„Како тренер, секогаш сакаш да го дадеш најдоброто од себе и да бидеш тука за сите. Минатата недела закачив прилично тежок вирус и, секако, не го слушав своето тело. Во еден момент едноставно ми рече: ‘Доста е’“, изјави Компани.

Компани поради болест ги пропушти тренинзите и прес-конференцијата пред натпреварот со Арсенал, но сепак го предводеше тимот од клупата. На клупата беше и на претходниот натпревар, победата од 6:1 над РБ Лајпциг, но по тој дуел не даваше изјави за медиумите.

Поранешниот капитен на Манчестер Сити го предводеше клубот во некои од најуспешните години под водство на Пеп Гвардиола, но во текот на целата своја играчка кариера имаше проблеми со честите повреди.

ПретходноЛејкерс ги победија Клиперс, Дончиќ загуби дури 11 топки (ВИДЕО)