Проектот НБА Европа продолжува да предизвикува големо внимание, а клучни разговори се најавени за вторник во Лондон. Од неколкуте европски кошаркарски гиганти што добиле покана за средба со претставниците на новото натпреварување, засега присуството го потврдил само Реал Мадрид, предводен од претседателот Флорентино Перез.
Првичните информации беа дека на состанокот би можеле да учествуваат претставници на Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен, Милан и Пари Сен Жермен. Сепак, плановите очигледно се менуваат, а одѕивот на поканетите клубови покажува дека идејата на НБА сè уште не наидува на едногласна поддршка во европската кошарка. Особено значајно е учеството на Реал Мадрид, кој би можел да има важна улога во идните разговори за новата лига. НБА сака да изгради европско натпреварување со 12 постојани франшизи и уште четири екипи што би обезбедувале место преку квалификации. Притоа, останува отворено прашањето дали ќе биде постигнат договор со Евролигата, која засега не го прифати предложениот модел на соработка.










