Никола Јокиќ повторно го надмина Расел Вестбрук!

67

Никола Јокиќ уште еднаш го надмина Расел Вестбрук за многу краток период – овојпат според вкупниот број скокови во НБА кариерата.

Јокиќ во победата на Денвер Нагетс над Феникс Санс изминатата ноќ остана без нов трипл-дабл токму поради скоковите, бидејќи забележа седум, но и тоа беше сосема доволно повторно да го надмине деветкратниот учесник на Ол-стар натпреварот и МВП од 2017 година.

Српскиот центар сега има 9.026 скокови во регуларниот дел од сезоната во НБА кариерата, еден повеќе од Вестбрук, кој ова лето ја заврши кариерата.

Да потсетиме, Јокиќ најпрво го надмина Вестбрук на врвот на вечната листа во НБА според бројот на трипл-дабл учиноци, во победата над Њу Орлеанс Пеликанс. Набргу потоа, повторно против истиот противник, стана вториот кошаркар во историјата со 200 трипл-дабл учиноци во регуларниот дел од сезоната.

Првиот на таа листа е, погодивте – Расел Вестбрук. Сепак, нему му беа потребни значително повеќе натпревари за да стигне до ова достигнување, а извесно е дека српскиот репрезентативец наскоро ќе го надмине и на оваа листа. На Јокиќ му недостигаат уште девет трипл-дабл учиноци за да го преземе првото место.

Никола Јокиќ и Расел Вестбрук ја делеа соблекувалната во сезоната 2024/25, но ниту тогаш плејмејкерот не успеа да стигне до титулата во НБА и така да ја комплетира кариерата, која пред сè беше обележана со индивидуалните достигнувања.

Каде се наоѓа Никола Јокиќ на вечната листа на скокачи?

Никола Јокиќ сè уште е далеку од пласман меѓу најдобрите десет кошаркари според бројот на скокови во регуларниот дел од сезоната во НБА. На десеттото место се наоѓа Двајт Хауард, кој неодамна повторно ја заврши кариерата, кратко по дебито во Грузија, со 14.627 скокови.

Убедливо на врвот во оваа категорија е Вилт Чемберлен со 23.924 скока, додека на второто место е Бил Расел со 21.620. Трет на вечната листа е Карим Абдул-Џабар со 17.440 скока во регуларниот дел од сезоната.

Јокиќ моментално се наоѓа на 67. место во оваа категорија, додека Вестбрук го остави едно место зад себе. Следни кошаркари кои српскиот центар има можност да ги надмине се Елтон Бренд, кој ја заврши кариерата пред десет години со 9.040 скока, како и неговиот поранешен соиграч Јонас Валанчиунас, кој летово ја напушти НБА-лигата и се пресели во Жалгирис, со биланс од 9.052 скока.

ПретходноТренерска бомба на повидок – Јулијан Нагелсман, но не во Премиер-лигата!
СледноФудбалерките до 17 години го освоија второто место го групата