Вардар го продолжи победничкиот марш во Супер-лигата. Актуелниот македонски првак доби уште едно дерби оваа сезона, и тоа, може да се каже, без поголеми проблеми. По ГРК Охрид, во СЦ „Јане Сандански“, избраниците на Иван Чупиќ стигнаа до убедлива победа и против Пелистер (31-23).
Салата беше исполнета до последното место, а атмосферата беше вистински празник на ракометот. „Комити“ и сите фанови на Вардар направија врвна атмосфера, која беше дополнета и со присуството на „Чкембари“. За разлика од минатото, овој пат на трибините немаше инциденти, што е момент за голем поздрав.
Што се однесува до играта, Вардар во овој момент покажа зошто е на врвот. „Црвено-црните“ делуваа моќно и доминираа речиси во текот на целиот натпревар. Ретки беа моментите во кои гледавме изедначена битка.
По натпреварот следеше заедничко славје на ракометарите и „Комити“. Милан Лазаревски – Мечка го зеде микрофонот, најпрво диригираше од теренот, а потоа се качи на трибината кај навивачите.










