МТЕЛ СУПЕРЛИГА – ПЕТОРКА НА КОЛОТО – 5: Рикиќ прв меѓу најдобрите

52

Роберт Рикиќ, центарот на Работнички, е најкорисниот кошаркар во изборот на најдобрата петорка на петтото коло од МТЕЛ Суперлигата.

Со 31 индексен поен, остварен на гостувањето против Скопје, го имаше највисокиот индивидуален учинок во оваа рунда.

РОБЕРТ РИКИЌ (РАБОТНИЧКИ)

На гостувањето против Скопје, високиот центар на Работнички беше прв стрелец во својата екипа, но и најкорисен поединец во петтото коло. Рикиќ постигна 29 поени, со одлична реализација во шутот за два поени (8/10), а погоди и една тројка. Дополнително, имаше 10/13 од линијата за слободни фрлања, осум скока и една освоена топка. За 27:46 минути поминати на теренот, забележа 31 индексен поен.

ТЕДЕРИК ВОЛФ (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)

Тиквеш Голден Игл направи голем пресврт против ТФТ во последниот период, а Тедерик Волф беше еден од најзаслужните за таквиот епилог. Американскиот кошаркар го заврши натпреварот со 24 поени, четири скока и четири асистенции. Имаше одлична реализација за два поени (6/7), како и 9/11 од линијата за слободни фрлања. На неговото конто се запишани и по три освоени и загубени топки, како и една блокада, за вкупно 26 индексни поени.

МАРЛАНД ХЕРИС (СТРУМИЦА 2001)

Иако Струмица 2001 не успеа да стигне до позитивен резултат на гостувањето во Штип, Марланд Херис имаше забележителен индивидуален настап. Реализираше 15 поени, со 7/9 во обидите за два поени, а придодаде и девет скока и дури пет блокади. Со една асистенција и две загубени топки, за 28:51 минути поминати во игра, стигна до 26 индексни поени.

ИВИЦА ДИМЧЕВСКИ (ГКК ШТИП)

Искусниот бек-шутер на ГКК Штип беше меѓу најрасположените поединци во дуелот против Струмица 2001. Димчевски одигра речиси 36 минути и постигна 20 поени, погодувајќи пет тројки од десет обиди. На својот учинок додаде шест скока, три асистенции и една освоена топка, за вкупно 23 индексни поени.

НИКОЛА КАРАКОЛЕВ (ГКК ШТИП)

И второто место во изборот на најдобрите поединци од редовите на ГКК Штип му припадна на искусен кошаркар. Караколев, кој натпреварот го започна од клупата, реализираше 19 поени, со речиси беспрекорни 8/8 во обидите за два поени. Имаше и пет скока, две асистенции и една освоена топка, доволно за идентични 23 индексни поени, колку што забележа и неговиот соиграч Димчевски.

ПРВА ПЕТОРКА

Роберт Рикиќ (Работнички)

Тедерик Волф (Тиквеш Голден Игл)

Марланд Херис (Струмица 2001)

Ивица Димчевски (ГКК Штип)

Никола Караколев (ГКК Штип)

ВТОРА ПЕТОРКА

Колин Паркер (Скопје)

Стефан Глигоријевиќ (Тиквеш ГИ)

Малик Џејкобс (Струмица 2001)

Бојан Крстевски (МКК Куманово)

Камерон Гуден (МКК Куманово)

ПретходноДВА МЕДАЛА ЗА ТК ФЕНИКС КИК НА ГАЛЕБ БЕЛГРАД ТРОФЕЈ Е1 2026!
Следно„Нула“ на Автокоманда помеѓу Скопје и Силекс