Клубот на народот VS клубот на старецот

105

Две различни скопски „дешавки“ во само 24 часа ни го покажаа сиот сјај, и сета беда кој што овој град го радува и го мачи во моментов. Таа „црвено – црна“ ракометна убавица, и тој „црвено – црн“ фудбалски мрак. И двете со предзнакот Вардар.

Ракометно дерби против Пелистер, ракометен празник, спортска фешта со сите нишани. Илјадници навивачи, верни на својот клуб, верни на „црвено – црните“ бои, верни на оние хероји на терен, сегашни, минати, идни.

Скопје синоќа го имаше своето навивачко „крешчендо“ олицетворено во големото дерби Вардар – Пелистер. Кој беше знае, кој не беше зажали. Затоа што синоќа Комити и скопјани го имаа своето најпрекрасно издание. На страна „Дирлада“… и навивачкиот „поган“ декор. Тоа било, е и ќе биде. И од едната и од другата страна. И така можеби и треба да биде.

Стотици, илјадници видеа, фотографии, статуси. Вардар е клубот на народот, Вардар е клубот на Скопје… дербито од синоќа ќе се памети.

Како и она денеска…. фудбалското. Не само по поразот од 0:1 на ФК Вардар од Струга ТЛ, сериозно квалитетен противник, кој што имаше и кажа што имаше на комплексот Петар Милошевски во Скопје.

Клубот се сака и во победи и во порази, ама пустиот ФК Вардар во моментов и нема кому да му се пожали. Остана сам. Како „старецот“ од бестцелерот на Ернест Хемингвеј, „Старецот и морето“. Жална приказна за човек кој што во Карипското море се обидува да фати огромна риба, сам. Како и ФК Вардар кој што е воден од еден „старец“ кој остана сам. Нема навивачи, нема поддршка, нема ништо.
Има само наведнати глави на момчиња кои ги води „легионер“ од шеесетина години, кој што можеби и не е свесен дека ФК Вардар треба да има „АРМИЈА“ зад себе.

„АРМИЈА“ која што отворено кажа „збогум“ пред неколку недели, поради „старецот“. И нема да се врати се додека „старецот“ е тука. А дотогаш, уловената риба ќе ја изедат ајкули…. а дотогаш и малите трибини на ФФМ ќе бидат празни. Само мајки, татковци, девојки, симпатии, и по некој пензионер од Н.Лисиче. Што можеби ја имал за лектира во основно „Старецот и морето“ па ќе прераскаже за суровата судбина. За судбината на еден клуб, еден град, една скопска фудбалска навивачка жална приказна….

ПретходноБашкими до важни бодови против Арсими