Томовски: Фаворити сме, но Луксембург не смее да се потцени!

1

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе биде комплетна и ќе се обиде во следните два дена максимално да се подготви за квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година.

На составот на селекторот Кирил Лазаров ќе му се приклучат ракометарите на Вардар и Пелистер, кои синоќа го одиграа своето прво дерби.

Прв противник на Македонија е репрезентацијата на Луксембург, дуел кој ќе се игра во среда (04.11.2026) во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 19 часот. Покрај оваа селекција, во нашата група се уште и Грција и Шведска.

Мартин Томовски е еден од нашите репрезентативци од кои се очекува, заедно со Васил Гогов и Иван Галевски, да донесат стабилност на голот на Македонија.

„Да се собереме, да ни се приклучат и играчите од дербито со здравствен билтен без проблеми и да почнеме. Прв меч на домашен терен, фаворити сме, но Луксембург не е екипа што може да се потценува. Ќе се подготвиме максимално за нив, целиот фокус е насочен кон тој натпревар. Се надевам дека сè ќе помине добро и дека во среда ќе се радуваме на првата победа во квалификациите.

На овој собир треба максимално да се вложиме, а имаме и нов играч. Димитро Горига треба да се вклопи во составот и не би требало да имаме проблем“, изјави Томовски.

Томовски е меѓу тројцата најдобри голмани во најсилната Бундеслига.

„Среќен сум поради моменталната форма. Работам напорно и се залагам. Се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во репрезентацијата. Тоа е најбитно, за полесно да функционираме и да победуваме, да се надградуваме и да одиме напред“, изјави Мартин Томовски.

ПретходноШкемби пред дербито со Вардар: Струга ТЛ ќе игра за да победи!