„Бебињата“ на Сер Боби полека ги снемува од репрезентација…

595

Со најновиот список на селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски по повод двата последни дуели од актуелната Лига на Нациите, Б дивизија, против Шкотска односно Словенија, јавноста може да примети неколку работи.

Од тоа дека на истиот не се наоѓа Бојан Миовски играчот на Ренџерс, што е шок за сите нас, преку неповикувањето на да речеме Дин Аломеровиќ кој беше дел од последниот список, па се до одуството на досега секогаш присутниот Ѓоко Зајков.

Неповикувањето на искусниот стопер, самото по себе наметнува една тема која што е вредна за нотирање.

Тој заедно со Тихомир Костадинов, кој што исто така по долго време не е дел од националниот тим, се репрезентативните со кои што Македонија ги направи најголемите успеси како фудбаска нација. Беше дел од У21 европскиот шампионат во Полска, а потоа и на сениорскиот континентален собир во Романија.

Претходно, селекторот Гоце Седлоски се реши да му каже благодарам и на Дарко Велковски. Искусниот дефанцивец ги има „ловориките“ исто така од двата турнира како и Зајков и Костадинов, плус групната фаза во Лигата на Европа со Вардар.

Конечно, тука може слободно да се вметне и Давид Бабунски. Момчето кое што исто така беше дел од онаа златна У21 генерација на Македонија.

Сите овие на почетокот на мандатот на Седлоски беа тука. Но повеќе не се. „Бебињата“ на Сер Боби  Милевски повеќе не се дел од националниот тим. Нивниот мандат очигледно завршува. Од таа генерација преостанаа уште Енис Барди, Бобан Николов, Висар Муслиу, Дамјан Шишковски и Елиф Елмас, кој што реално е некое годиште помлад.

Практично кажано, „половина“ од таа генерација Седлоски во овие два последни репрезентативни прозорци се реши да не ја повика.

Подмладувањето очигледно започна од таа наша најуспешна генерација во историјата, а каде ќе не одведе тоа, останува да видиме.

 

ПретходноЛиверпул со 100 милиони евра тргнува по ѕвездата на Реал Мадрид!
СледноПешевски во хуманитарна мисија: Дресот на Македонија го стави на аукција за најважната битка на Стефан!