Митев: Фаворити сме, одиме на победа – сакаме да ја израдуваме нацијата!

1

Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ го игра првиот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство 2028 година.

Противник на селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци е Луксембург, репрезентација која е аутсајдер на оваа средба.

„По подолго време пак сме заедно. Секогаш имаме позитивна атмосфера на вакви собири. Играме против Луксембург, млад тим што има добра транзиција и ние мораме да бидеме спремни за тоа. Фаворити сме, одиме на победа, сакаме да ја израдуваме публиката и со победа да стартуваме во квалификациите“, ни изјави Марко Митев.

Следен противник е Грција, дуел кој нашите ракометари го играат на гостински терен за четири дена.

“Потоа, во недела не чека меч со Грција на гости. Имаат сериозна екипа и мораме многу сериозно и внимателно да му пристапиме на тој меч. Видовме, Холандија двапати загуби од нив пред неколку месеци. Но и таму ќе одиме на победа. Среќа немаме повреди“, смета Митев.

Новитет во националниот тим е Дмитро Горига, играч на кој сите гледаат како додадена вредност за високи дострели.

„Горига е нов, полека се вклопува. Сите играчи му помагаме да влезе побрзо во системот. Има предиспозиции и квалитети и сигурен сум дека ќе биде додадена вредност за репрезентацијата“, рече Марко Митев.

ПретходноКуманово доби парична казна за плукање на судии, Скопје за слаба организација