Филип Кузмановски многупати откако ја носи капитенската лента покажа зошто токму нему му е доверена оваа голема одговорност. Тој е вистински лидер на теренот и надвор од него.
Дека е вистински професионалец и дека секогаш на прво место го става интересот на Македонија, а не личниот, говори и неговото поздравување на доделувањето на македонскиот пасош на Дмитро Горига. Иако играат на иста позиција, Кузмановски не го гледа како конкуренција, туку како додадена вредност за репрезентацијата.
„Јас лично не го гледам како конкуренција. Сè што е за доброто на репрезентацијата секогаш е добредојдено. Знаеме дека Горига е квалитетен играч и дека може да му помогне на тимот, да биде додадена вредност која може да промени многу работи.
На големите натпреварувања играме против квалитетни репрезентации и сметам дека неговото искуство ќе биде од големо значење, за да бидеме уште поконкурентни. Селекторот Лазаров секогаш има план и верувам дека она што го има зацртано ќе донесе резултати.
Времето за адаптација на Горига е кратко, но сите ние ќе се погрижиме што побрзо да се вклопи. Тој веќе добро се познава со играчите на Вардар“, ни изјави Кузмановски.
Горига денеска се очекува да биде во составот за дуелот против Луксембург, прв во битката за пласман на Европското првенство во 2028 година. Натпреварот се игра во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 19 часот.










